Споменот на Светите Седмочисленици и Светиот маченик Пантелејмон

Ве величаме вас, свети рамноапостолни Седмочисленици, кои словенските земји со своето учење ги просветивте и кон Христа ги приведовте

Величание на Светите Седмочисленици

Светли денес споменот на Седмочислениците, светите просветители на родот словенски. Светли и ликот на големиот исцелител и маченик Пантелејмон, кој светоста ја стекна, лекувајќи ги сите со своето милосрдно срце. Блескаат подвизите на овие на чудеса источници, оти првите славјанскиот народ од заблудата идолопоклоничка го избавија и кон свето крштение го приведоа, а вториот чудеса твореше меѓу сите оние коишто со надеж за исцеленија кон него притекнуваа. Светите Седуммина не малку страданија за проповедта на Евангелието претрпеа, и не малку лукави стрели нивните срца ги прободеа, но Владиката Христос со венци на славата заради смелото исповедание на вистината ги овенча и како духовни пастири на славјанското стадо ги постави, кое заштитено од непријателските напади, сега непоколебливо чекори по тешкиот пат на спасението.

Можеби затоа нашите две Свештени Обители, Бигорската и Рајчичката, толку усрдно ги упатија своите молитви кон татковците на родот словенски, Светите Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски и нивните ученици Сава, Горазд и Ангелариј. Спомнувајќи си за нивните бесмртни подвизи, си спомнуваме и за маките кои тие ги поднеле за духовно да го издигнат сиот словенски народ. И не само тоа, туку и за благодатта Божја која ги поткрепувала во тие напори. Затоа остануваме цврсти и непоколебливи во нашите напори и упатуваме усрдни молитви кон Седмочислениците и кон Светиот великомаченик Пантелејмон, да ни испратат сили за да ги надминеме страданијата кои надвиснале над сите нас, кои, пак, претставуваат уште една можност да стекнеме повеќе трпение, оти секое големо дело го минува тешкиот пат кон воскресението преку распетието.