Крсту Христов, кој разбојникот го упати во верата, удостој ме и мене да трчам по патот што со пост води кон поклонување пред тебе и да се оживотворам.
(Тропар на Трипеснецот)
Огреани со зраците на крстното знамение го дочекавме третиот ден од целосното воздржание. Правејќи ги овие први чекори во „радосната тага на Постот“, ја гледаме во далечината нашата цел, чиј што предвкус ги засладува духовните подвизи и овие борби со стариот човек во себе, ги претвора во духовна пролет. И навистина ни е потребно ова училиште за покајанието, бидејќи лесно се предаваме на секојдневните слабости и страсти и го губиме вкусот на оној нов живот што Бог го замислил за нас. Нема ништо подобро од тридневното целосно воздржание за да ги започнеме своите духовни борби, бидејќи отсекувајќи ги така физичките сили, нашиот ум го насочуваме само кон духовното. А нашата Црква, како нежна мајка, ја олеснува таа борба со своите богослужби, со покајните псалми и канони и молитвените воздишки кон милостивиот Отец, за Он да го прими овој наш труд на лична преобразба и за полза на целиот народ, помагајќи ни да го вкусиме новиот живот што лесно го губиме и предаваме, и со нова ревност да се вратиме кон него.
Поткрепени и поучени од примерот на ревносната молитвена усрдност на нашиот возљубен Старец и владика, Партениј, браќата и сестрите од нашите свети Обители го запечатија својот тридневен подвиг со примање на небесната манна – Предосветените дарови. Зашто како што еврејскиот народ 40 години талкаше во пустината, поткрепуван од божествената манна што слезе од небото, така и ние навлегувајќи во Четириесетницата, ја вкусивме слатката утеха од Лебот на животот – Христос нашата духовна храна.
Нека овој скромен принос на воздржание и молитва се претвори во благослов за нашиот народ и за целиот свет. И нека оние што ќе земат удел во овој посен подвиг го достигнат сјајот на Преображението, преку усрдно покајание. А заради нивните подвизи и по големата милост на нашиот Господ, Кој не ги лишува од блага Своите смирени и верни чеда, сите да го доживеат и ликувањето на сеопштото Воскресение.