Соборната молитва кон светиот Партениј Лампсакиски, го привлече неговиот благослов и следниот ден, кога торжеството беше крунисано со празнична Божествена Литургија, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и многубројното духовенство. На ова големо литургиско собитие присуствуваше и Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, кој од сѐ срце му посака на нашиот Старец уште долги години да преуспева во духовниот подвиг и во својата мисија за спасение на човечките души.
На усрдните молитви на присутното мноштво, се придружи и нашиот надлежен владика, г. Тимотеј, кој во чест на Светиот Лампсакиски чудотворец, изрече и пригодно празнично слово.
Радоста, пак, го достигна својот врв кога нашите возљубени духовни началници ги осветија темелите за новиот велелепен комплекс, што ќе биде подигнат на манастирскиот паркинг, од страна на фирмата „Агноандика“ и изведувачот Рединг ДООЕЛ Скопје, кои всушност, ќе го изградат проектот на Виадукт Скопје. Со своето присуство, настанот го збогатија и членови на локалната самоуправа, локалната полиција и Националниот парк „Маврово“.