Настапи денот на Божјото откровение. Ден во кој Бог не само што Му се објави на човекот, туку повторно влезе во историјата, за да ја преобрази однатре. Денес небесата се отвораат не како некој далечен знак од дамнини, туку како благодатна стварност што реално го допира човечкиот живот. Денес духовниот вид на човекот се разбудува за небесните светлини. Денес ни засветли за богопознание трисолнечната светлина на едното Сонце на правдата, Отецот и Синот и Светиот Дух, Троица Единосуштна и Неразделна.
Во овој ден, реките на благодатта и просветлението се разлеваат не само над водите земски, ами и над срцата на верните, кои со љубов и ревност се подготвија за овој голем празник на сецело очистување и обновување. На реката Јордан, Синот Божји заради нас прифаќа да биде крстен од раката на Својот слуга, свети Јован Крстител, и се крштава, не за да се очисти, туку за да ја освети водата, тварта и човекот, и да му ја објави на светот тајната на Света Троица.
Традиционално, и оваа година празникот на светлото Богојавление нашата монашка заедница го прослави заедно со многубројниот притекнат народ во храмот на Пресвета Богородица во село Ростуше. Таму, во молитвено собрание, како една Црква и едно тело Христово, верните се собраа околу светата Чаша, за да го вкусат обновениот живот што се дарува во Божествената Евхаристија. Светата Василиева Литургија, со којашто чиноначалствуваше нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, беше вистинско средоточие и извор на целото празнично торжество. Беше несомнено извонредна и благословена глетка како храмот во Ростуше се преполни со верници, кои поитаа да земат живо учество во Празникот на Светлините и Божествените Богојавленија. Радосните лица, молитвената сплотеност и заедничкото учество беа сведоштво за оние тивки, лични епифании што се раѓаат во срцето на секој човек, а својот заеднички почеток го имаат во Богојавлението на Јордан.
По завршетокот на светата Литургија, од храмот на Мајката Божја, со раскошна молитвена литија се упативме кон брзите води на Радика. Чекорењето кон реката, со молитва и славословие, беше еден вид продолжение на литургиската соборност: Црквата излезе од храмот за да ја освети природата, да сведочи дека светот е повикан да стане место на Божјото присуство. На мостот, пак, на Радика, Старецот го изврши чинот на Големиот Богојавленски водосвет и го положи чесниот крст во осветените води, како знак дека Христовата благодат го допира и преобразува секој тек на човечкиот и природниот живот.
Таму, околу четиристотини души со трепет и нетрпение го очекуваа благословот на владиката, кога чесниот крст беше потопен во осветените води. Честа да го извади крстот од Радика ја имаше дваесет и тригодишниот Милко Божиновски од Ростуше, кој со голема радост прими благослов и молитви од нашиот Старец, како и сите оние што се вложија во овој добар и радосен подвиг. И оваа година, пригодни награди за благословениот крстопоклоник обезбедија нашиот почитуван пријател г. Хари Локвенец и градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, г. Онер Јакуповски.
На свештенодејствието присуствуваше и Неговата екселенција, амбасадорот на Република Албанија, г. Денион Мејдани, кој со нас ја сподели радоста на овој голем христијански празник, сведочејќи дека Богојавление не е само црковен, туку и длабоко човечки и заедничарски настан.
Така, и ова Богојавление, преку светата Литургија, литијата и осветувањето на водите, ни се откри како жив настан на Црквата Божја, како празник во кој човекот и природата, осветлени од Троичната светлина, ја почувствуваа благодатта на обновувањето.
Ѝ се јави денес на вселената и светлината Твоја, Господи, се ознамени на нас, кои со разум Ти пееме: дојде и се јави, Светлино Непристапна (Кондак на празникот).































