Богојавление во Ростуше и на Радика: Светлината на Божјото откровение

Денес Црквата Божја торжествува! Денес светот целиот е обновен! Денес водите на Радика станаа како Јордан, а гласот Божји повторно одекна низ вселената: „Ова е Мојот возљубен Син, во Кого е Моето благоволение!“

Празникот Богојавление, или Просвештение, не е само спомен на еден последователен настан од земскиот живот на Спасителот на светот, Господ Исус Христос. Тој е најголемото откровение за целото човештво, откровение за тоа Кој е вистинскиот Бог, но и за тоа кои сме ние. Во водите на Крштението Христос не само што ги освети стихиите, туку ги отвори и Небесата, внесувајќи ја човечката природа во заедницата на Светата Троица. Овој ден е повеќе од празник – тој е коренито преобразување, духовно просветлување, ден кога сите ние сме повикани кон светост и чистота, ден во кој стануваме храмови на Божествената благодат.

Во овој возвишен ден на Светлините Божји, во сечениот храм на Мајката Божја во с. Ростуше, како и секоја година, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со манастирските браќа отслужи Божествена Архиерејска Василиева Литургија. Таа најсветга богослужба, исполнета со полнотата на Божествената благодат и просветление, беше едно чудесно тивко сјаење од таинството на Господовото Крштение. Во величествениот амбиент на ростушкиот храм на Царицата на Ангелите, каде што земното и небесното стануваат еден свет, многубројните верници, пристигнати од сите краишта на нашата татковина, се собраа за со љубов и длабока побожност да го прослават торжеството на Божјото Троично откровение. Во молитвено расположение и со чисти срца, тие пристапија кон светите Христови Тајни, обновувајќи го својот завет со Бога и примајќи ја благодатта што преобразува, зацврстува и го води човечкиот живот кон светлината на Царството вечно.

По Светата Литургијата, празникот продолжи со традиционалната Богојавленска литија, која ги поврзува срцата на верните со историјата на овој свет ден. Ова молитвено шествие, предводено од Старецот и монасите, беше придружено со звуците на Богојавленските песнопенија, сведочејќи ја радоста од откровението на Светата Троица. Литијата се движеше кон Ростушкиот мост, каде што брзите и студени струи на Радика, како нов Јордан, станаа место на Богојавленското освештение. Таму нашиот Старец го изврши чинот на Великиот Богојавленски водосвет и водата, којашто Христос ја направи извор на обновата, уште еднаш беше осветена со силата на Светиот Дух. Во неа Старецот го положи чесниот крст, оружјето на нашето спасение и симболот на победата над гревот и смртта. Повеќе од 200 млади луѓе, исполнети со вера и духовна ревност, се нурнаа во осветените радички води, сведочејќи го својата љубов за крстот Христов. Тој величествен чин заврши со радосните извици на 18-годишниот Климент Танески од Ростуше, кој го фати чесниот крст, понесувајќи го благословот на празникот во своето срце.

По повод овој празничен настан, градоначалникот на општина Маврово и Ростуше г. Медат Куртовски, со почит кон оваа древна традиција, му подари симболичен дар на најсреќниот, како потсетување дека тој ден му беше даруван и од Бога и од луѓето. Со пригоден подарок тука беше и нашиот редовен дарител на овој сечесен ден, г. Хари Локвенец, кој по 28 пат го дарува благословениот фаќач на крстот во Радика.

И значењето на Богојавление не завршува тука. Овој празник нè потсетува дека осветувањето на водите не е само чин, туку почеток на нашето духовно патување и преобразување. Како што Господ Исус Христос влезе во Јордан, така и ние треба да влеземе во „водите“ на покајанието, очистувајќи ги нашите души од гревот и страстите и подготвувајќи се за вечниот живот во Него.

Нека светлината на Светото Богојавление нè просветлува сите нас, и да нè води кон преобразба во љубовта Христова. Нека ги осветли нашите домови и срца, исполнувајќи ги со мир, просветление, радост и љубов. Оти, навистина, во Христа светот виде голема Светлина.

За многу години!