(Видео) Литија на светлината и на мирот – Победоносецот ја благослови Струга

Според милоста и благоволението на седобриот Бог, и оваа година, по шеснаесетти пат, повторно се излеа небесниот благослов врз градот Струга преку светата и торжествена Литија (Еордија) во чест на славниот Победоносец, Светиот Великомаченик Георгиј. Еордијата, која беше возобновена со духовна ревност и љубов кон Бога и кон Светиот со пожртвувани заложби на нашиот возљубен Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, а на молба од отец Васко Голабоски кој потекнува од старо струшко семејство и несебично се вложи во нејзината обнова, и годинава го потврди своето место како едно од највозвишените молитвени собири во нашата татковина.

Како зрак од благодатниот свет, таа блескаво се спушти и го покри градот на поезијата, осенувајќи го со духовна светлина и со мир. Илјадници верници, со умиление и восторг во душите, се слеваа од сите страни – не само од Струга и околината, туку од сите краишта на Македонија и пошироко, водени од внатрешната жед за Божјото присуство, од длабоката почит и љубов кон светиот Победоносец. Тие дојдоа да учествуваат не само телесно, туку и со срце, со ум, со молитва, да се вградат себеси во овој торжествен молитвен настан, кој веќе стана едно живо предание и свет спомен во духовната меморија на нашиот народ.

Најнапред, во сечесниот храм на Светиот Великомаченик Георгиј во Струга беше отслужена традиционалната ктиторска Вечерна богослужба, на којашто молитвено претстоеше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г. г. Стефан, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и со нашиот Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј. На богослужбата со благоговение учествуваа и свештенослужители од нашата Дебарско-кичевска епархија, со што пред почетокот на Литијата се создаде едно возвишено молитвеното расположение. Светата богослужба се одвиваше под отворено небо, во дворот на Црквата. Таму, под благонаклонетото небо на пролетното попладне, во спокојот на празнувањето, молитвата се вознесуваше како благоухан темјан пред лицето Божјо, проникнувајќи длабоко во душите на сите присутни.

По завршетокот на Вечерната богослужба, нашиот почитуван Блаженејши Архиепископ г. г. Стефан отслужи панихида за сите упокоени ктитори на храмот, со благодарствен спомен за нивните вера, љубов и жртва, со кои го изградија и го заветуваа овој свет дом на Великомаченикот, каде што молитвата не престанува и каде што се слави името Божјо низ многу поколенија.

Потоа, во свеченост и духовно велелепие, следуваше величествената Еордија – таа благодатна река на молитва што тече низ градот, благословувајќи го секој агол, секој дом, секое срце отворено кон Бога. Предводена од церемонијално полициско возило, Литијата започна со израз на почит кон Светиот Великомаченик Георгиј како небесен покровител на македонската полиција – на оние луѓе кои, без оглед на својата национална или верска припадност, секогаш се на своето место, со посветеност и трпение, чувајќи го мирот и безбедноста на граѓаните.

Меѓу полициското возило и поворката чекореше коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали според древни изворни модели. Оваа облека беше верна репродукција на војничката униформа од времето кога Свети Георгиј бил воен трибун во Римското Царство. Во раката коњаникот држеше палмова гранка како симбол на мирот и на духовната победа. Тој служеше како едно сликовито сеќавање на светиот воин Георгиј, а воедно и како мирољубив најавувач и чувар на свештената поворка.

На чело на литијата стоеше брат од Бигорското братство, кој со клепалото ги исполнуваше улиците со звукот на покајание и на духовна будност. По него следуваа носачите на чесниот крст, рипидите, црковните знамиња, псалтите и братството од Бигорскиот манастир, како и градскиот дувачкиот оркестар на Скопје, кој со пригодни црковни композиции учествуваше во светото торжество.

Литијата ја красеа две чудотворни икони: на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец и на Пресвета Богородица Гликофилуса, образи на небесната сила и на мајчинската утеха. Потоа следуваа сестринствата од манастирите во Рајчица, Пречиста и Кнежино, па благоговejното свештенство на Дебарско-кичевската епархија, отец Исак од Лесновскиот манастир како и јерарсите на МПЦ-ОА: Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј.

Срцевината на раскошната литија ја зафаќаше, се разбира, најголемата Светиња – чесните мошти на Светиот Георгиј, положени во цветно украсена кувиклија, впечатлива и достоинствена. Овој пат, со честа да ги носат чесните мошти беа удостоени: г. Дејан Георгиевски, г. Марко Танкоски, г. Коста Хиохи и г. Игор Крстаноски. Тие беа придружувани и чувани од четворица капетани на сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во свечената и традиционална мијачка носија, украсена со ќостек со ликот на Свети Јован Крстител. Зад нив, тивко и со достоинство, чекореше сејменската гарда, со ќостеци на градите на кои беше изобразен ликот на Светиот Победоносец.

Реката народ што се влеа во Еордијата и ја следеше со трепет и восхит, не можеше, а да не се насладува од чудесната благодат што извираше од Светињите. Во тој молитвен и свечен поход, срцата беа отворени кон небото, а очите сведочеа глетка што ја возвишува душата. Ниту едно срце, ни младо ни старо, не остана рамнодушно на оваа величествена појава, која ја издигнуваше мислата и чувството од земјата кон небесата.

Како и во претходните години, Литијата заврши таму каде што и започна – во пространиот двор на храмот на Свети Георгиј Победоносец. Но и покрај неговата големина, дворот беше претесен за да ја прими сета таа благочестива река народ, што се собра со љубов и вера кон светиот Победоносец.

На самиот крај од струшката Еордија, во дворот на храмот, дувачкиот оркестар на град Скопје изведе почесен марш како благороден израз на народна чест и благодарност кон Светителот. Потоа следуваше културно-уметничкиот дел, како продолжение на свеченоста, на којшто настапија нашите чувари на народното богатство, членовите на КУД „Илинден“ од Струга и КУД „Бисер“ од Кичево. Со својата игра, носија и песна, тие го дополнија светлиот лик на Литијата со народно благолепие, израз на верата на нашиот народ низ вековите.

Оваа молитвена радост беше дарувана и на оние што не можеа телесно да присуствуваат, за што, со пожртвуваност и професионализам, се погрижи нашиот ценет соработник Стојан Стојановски и неговиот тим од „2С Студио“, кои ја пренесуваа Литијата во живо. Така, светлината на овој ден се рашири далеку, допирајќи до многу домови и срца што духовно се присоединија кон ова свето торжество.