Стихови:
Се молиме, Спасе, за душите на покојните,
Прими кај Себе, в дворојте на осветените.
Во милоста Твоја, Христе Боже, ги полагаме,
Да пребиваат во мир, молитви принесуваме.
Во светлината тивка на Обителта наша света, каде што вековното шепотење на камените ѕидини е неразделиво сврзано со молитвите за нашите упокоени, во изминатото ноќеденство се одржа саботната Митровденска задушница. Во согласност со богослужбениот ред, со благочестиво почитување на древната традиција, Старецот на Обителта, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, вчеравечер, заедно со браќата свештенослужители од манастирското братство, го изврши чинот на панихида, принесувајќи пред престолот Божји топли молитви за сите што починале во надеж за воскресение и живот вечен.
Утрово, во Претечевиот храм, се отслужи заупокоена Утрена и Божествена Литургија, на која повторно беа спомнати сите упокоени, меѓу кои и оние чиишто земни останки почиваат во манастирските гробишта и костурница. Ова молитвено сеќавање е живо сведоштво на нашата вера во единството со оние што преминаа во вечноста, во Христовата љубов која ги соединува сите – и живите и покојните.
По Божја промисла, оваа задушница се совпадна со годишниот спомен од упокојувањето на дедо Борис, таткото на нашиот возљубен Старец. Со искрени молитви и со нежна благодарност, браќата се помолија за него и за сите отци, мајки, родители, прародители, браќа и сестри наши, кои ги завршиле своите привремени животи на овој минлив свет со вера во воскресението и со надеж за идниот век.
Со искрена љубов и почит, се поклонивме пред споменот на нашите предци, молејќи се за вечен покој на сите упокоени православни Христијани. Нека Господ Бог, Кој владее над живите и над мртвите, во Својата бескрајна милост ги смести нивните души во небесните обители, каде што нема болка, жалост или воздишка, туку живот бесконечен.
Амин.