Молебен канон во Ростуше

Нема попрекрасен собор од оној на кој Мајката на родот човечки ќе ги обедини сите свои чеда во едно, благословувајќи ги со неизмерна љубов и топлина. Нема поубава средба од онаа на која сите ќе пребиваат во еден дух и во една молитва, наоѓајќи благодатна сила и милозлива утеха во заштитата на Мајката Божја. Оти, како што полскиот цвет наоѓа сонце во прегратката на денот, така и ние, во мајчинската прегратка на Богородица ја наоѓаме светлината на Сонцето незаодно, Кое дојде и засветли во светот, за на сите нам да ни го покаже патот во темнината на ноќта. Богородица е бисер најскапоцен, грижливо чуван во нашите души, пристаниште на љубовта што со љубов нè напојува нас изморените патници, нежна роса која со свежина ни ги исполнува срцата, внесувајќи во нашиот живот тивка, но неизмерна радост.

Токму такво собрание се случи оваа вечер во велелепниот ростушки храм посветен на Пресвета Богородица, каде што нашата монашка Обител, со благослов на возљубениот ни Старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, кој воедно и претстоеше на оваа богослужба, со синовска љубов го отслужи Молебниот канон во Нејзина чест, а во присуство на бројни населници на славниот долнорекански крај. Бигорските монаси смирено ги пееја прекрасните стихови од овој неповторлив Канон, а владиката г. Партениј, видно радосен поради прекрасната глетка во преполниот храм, во пресрет на големиот празник на Успението на Богомајката, ги поткрепи и охрабри присутните со своите татковски зборови и благослови, кои ги преточи во едно вдахновено слово.