Во свештениот и со молитви натопен простор на нашата Света Бигорска Обител, каде што секој камен говори за вековен подвиг и љубов кон Господа Исуса Христа, во текот на изминатата ноќ повторно одекна благодарствено и молитвено славословие во чест на големиот Божји угодник, Свети Партениј Лампсакиски Чудотворец. Неговиот годишен спомен за нас, монасите од Бигорски и монахињите од Рајчица, Пречиста и Кнежино, како и за недобројните духовни чеда, верници и пријатели, не е само уште еден празничен ден од црковниот календар, туку и неизмерна радост на срцата, благословена прилика да му покажеме љубов и да му оддадеме света благодарност на нашиот секогаш возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, по повод неговиот именден. Оваа година, пак, радоста и честа беа особено големи и свечени, бидејќи Старецот го прослави својот триесетти именден – јубилеј на три децении исполнети со несебична љубов, самопрегорна жртва и неуморно духовно пастирство.
Манастирскиот храм на Чесниот Претеча, облагодатен одозгора со духовна светлина и благоухание, се покажа физички премал за да го собере сето множество народ кој дојде да му оддаде чест на Светиот, но и почит на нашиот духовен отец. Меѓу бројните присутните, на наша голема чест и радост, беше и Протопрезвитерот на Вселенскиот Престол о. Тома Хрисикос, старешина на историскиот храм на Светата Великомаченица Ирина во Атина, заедно со својата добродетелна презвитера г-ѓа Константина. Нивното присуство беше сведоштво за духовната поврзаност меѓу православните браќа од различни земји, собрани во истата љубов Христова.
Вечерната богослужба, посветена на попразненството на Сретението Господово и на споменот на Свети Партениј Лампсакиски, помина во свечена и светла молитвена атмосфера. Браќата од манастирскиот хор, со своето складно симфониско пеење, ни ја пренесоа целата убавина и возвишеност на богослужбените стихови и песнопенија. Нивните гласови, кои се слеваа со молитвите на присутните како во еден беспрекорен оркестар, внесоа мистика и велелепие во тоа свето собрание, кое со душевен трепет ја прославуваше празничната радост.
По торжественото богослужение, од името на нашата монашка заедница кон Старецот се обрати нашиот најстар собрат, архимандритот Доситеј. Во своето слово тој топло говореше за подвигот на нашиот Старец, кој веќе три децении непрестајно љуби, се жртвува и утешува. Како знак на љубов и благодарност, братството му подари на Старецот архиерејска мандија, симбол на неговото архипастирско служење и крстот што го носи за доброто на своето словесно стадо.
Потоа следуваа трогателни обраќања од духовните чеда на Старецот – зборови на благодарност, сведоштва за преобразени животи, искрени желби за здравје и долгоденствие. Со солзи и благодарност тие му принесоа пригодни дарови на својот духовен татко, но најголемиот дар од нив беше, секако, нивната љубов и верност, плодови на неговата духовна сеидба.
Најпосле, со своето татковско слово на сите присутни им се обрати самиот владика г. Партениј. Со видлива трогнатост тој говореше за чествувањето на Свети Партениј Лампсакиски, за неговиот живот посветен на Христос и за значењето на името Христијанин – име што го обврзува секој човек да живее во љубов, смирение и простување. Неговите зборови, како и секогаш, беа утеха и поттик за сите присутни, зашто од нив се излеваше духот на евангелската љубов.
По завршувањето на богослужбата, празнувањето продолжи во свечениот манастирски синодикон. Таму, во топла атмосфера на радосно заедничарење, се одржа една убава пригодна програма. Имено, реномираниот хор по источно-православно пеење „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево со своите духовни напеви ги восхити присутните, додека млади изведувачи и музичари од Скопје ги разиграа срцата на присутните со изведби на традиционални песни и ора, со што уште еднаш се потврди дека духовната радост секогаш раѓа убавина и хармонија.
Ова навечерие беше повеќе од обично празнување – тоа беше средба на срцата обединети во љубовта кон Бога и кон Неговиот верен слуга. Триесет години нашиот Старец е слика на Христовата љубов – љубов која не бара свое, љубов која секогаш простува, која секогаш прегрнува и носи утеха и надеж. Неговото служење е сведоштво дека вистинската сила е во смирението, а вистинската власт – во служењето на другите.
На крајот од овој празничен ден, нашите срца беа исполнети со благодарност. Со сето свое битие Му благодариме на Дародавецот Бог што ни подари ваков духовен отец. Му посакуваме на нашиот сакаш Старец и Владика силно здравје, духовна крепкост и долгоденствие, та уште многу години да ја води оваа Света Обител и сите духовни чеда по патот кон Царството на Осмиот ден. Нека неговиот живот и понатаму биде светилник на љубовта Божествена, кој ќе ја осветлува темнината на овој свет, водeјќи ги луѓето кон Светлината Христова.
На многаја лета, возљубен наш Геронда!