Колку се совршени делата на верата! Светиот маченик Теодор во огнената печка се радуваше како во води на спокој, зашто кога во огнот изгоре, како сладок леб на Света Троица ѝ се принесе.
Првата недела од Великиот Пост полека се приближува кон крајот. Овие денови секој од нас се предаваше на спасително воздржание, постејќи со телото и духот, воздржувајќи се повеќе од своите страсти отколку од мрсната храна. А Господ милостивиот, како и секогаш, ги слуша нашите молитви и снисходливо погледнува на нас, исто како што им покажа милост на Ниневјаните кои некогаш згрешија против Него, но со усрден пост, по само три дена ја добија Неговата прошка.
Денес е особено свечен ден, кога мноштвото Христијани примајќи причест се соединуваат со Својата глава – Христос. Црквата воинствена на земјата, учествува во радоста на Црквата победничка на небото. Денес секој од нас го прима дарот Божји, спомнувајќи си за великомаченикот Теодор Тирон, којшто и самиот се принесе на дар Нему, а сега нè дарува со својот неизмерен благослов. Славејќи го, пееме: Колку се совршени делата на верата! Светиот маченик Теодор во огнената печка се радуваше како во води на спокој, зашто кога во огнот изгоре, како сладок леб на Света Троица ѝ се принесе. Како што некогаш малото стадо Христово, со негова помош ги надмина сплетките на царот Јулијан, така и ние сега, укрепени од неговите молитви, ги поминуваме замките што секојдневно се поставуваат пред нас во ова посно патешествие.
Денес ангелите Божји се радуваат на небесата гледајќи колку многу покајници нашиот небесен Отец прима во Своите татковски прегратки. Тие радосно нè облекуваат во светли облеки на чистота и доблест и ни го ставаат прстенот синовски на нашите раце. Денес го примаме огнот, облекувајќи се во блесокот на славата на Синот Божји, земајќи удел во Неговото тело и крв и сме повикани да земеме учество на свадбената гозба. И како сега после оваа слатка храна повторно да се вратиме на рокчињата од нашите страсти? Како кога Христос го гледа и прегрнува секој наш труд и со радост нè очекува на крајот од посниот подвиг, во подножјето на Голготскиот Крст?
Со благодарност во срцата за неизмерната добрина на сештедриот Бог, Кој и сега обилно нè дарува со духовни сили да ја завршиме во добар подвиг првата недела од постот, нашите монашки Обители свечено го прославија споменот на светиот великомаченик Теодор Тирон и чудото со неговото коливо. Поткрепени од небесната храна, чесното тело и крв на нашиот Спасител, торжествено одиме во пресрет на триумфот на Православието.