Покров на Пресвета Богородица во Пречиста

Празникот на Твојот Покров чествувајќи го Дево Богородице, ние Те величаме

„Дева денес престои во Црквата и со соборот на Светиите невидливо за нас Го моли Бога; ангелите со архиереите се поклонуваат, а апостолите со пророците ликуваат: зашто заради нас Богородица Го моли Предвечниот Бог“.


Кондак на Празникот

Празникот Покров на Пресвета Богородица, што денес торжествено го слави Црквата Христова, уште еднаш ни ги покажува љубовта, милоста и грижата што Пречистата Богомајка, како Мајка на сиот свет, ги има за нас, нејзините недостојни чеда. Ова е празник на мајчинската закрила на Царицата небесна, Која неуморно се застапува кај својот Син и Бог наш, Спасителот Христос, молејќи Го за наше спасение, за отпуштање на нашите гревови и за вкусување на рајската радост и убавина. Покров на Пресвета Богородица ни открива дека имаме Мајка на Небото, Која и покрај нашите страсти, гревови и слабости, не се згнасува да посредува за наше исцеление и ослободување.

Овој празник на Богородичната мајчинска љубов, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, го прослави со сестрите монахињи и притекнатите верници во Манастирот на Богомајката Пречиста крај Кичево. Утрово тој со посебна љубов и благодарност кон Мајката Царица го изврши тајноводството на Божествената Литургија, испросувајќи ја покровската благодат и нејзината мајчинска закрила за сите.

„Спомни нè во Твоите молитви, Госпоѓо Дево Богородице, за да не погинеме од мноштвото наши гревови, покриј нè од секаков зло и од лути напасти; зашто на Тебе се надеваме и празникот на Твојот Покров чествувајќи го, Те величаме“.