Славата на Чесниот Претеча

Со молитвено благоговение и со благодарствено славословење, изминатото ноќоденство Бигорската свештена обител ја чествуваше својата главна манастирска слава – споменот на отсекувањето на чесната глава на нашиот преславен покровител, свети Јован Претеча и Крстител Господов. Секое име на светија во Црквата е благослов, но името на великиот и свештен Претеча е како силен оган што го осветлува и најтемниот агол од човечкото срце. Оној кој беше „глас што вика во пустината“, кој со својата бескомпромисна вера и правдољубие, и со своето ангелско смирение ги израмни патеките во срцата човечки за Спасителот на светот, за нас е најголемиот учител во покајанието, во смирението и во љубовта кон натсуштествената Убавина.

Уште од самит почетоци на монашкото живеење, свети Јован е нашиот патеводител и заштитник. Неговиот глас што проповедаше покајание во пустината, продолжува да одекнува и денес низ осветените простории на неговиот свештен Бигорски дом, повикувајќи нè на постојана молитва, будност и приближување кон Христа. Навистина, неговото прославено име е темелот на оваа света обител, која повеќе од еден милениум се напојува од неговата благодатна сила и од неговото молитвено застапништво.

Со најсилна љубов кон нашиот небесен заштитник, братството и множество верен народ се собраа вчеравечер во сечесниот Претечев храм, за да му ја принесат вечерната молитва и благодарност на „најголемиот меѓу родените од жена“. Собрани околу својот сакан старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој претстоеше на вечерното богослужение, монасите, монахињите и недобројните верници, сотворија молитвена симфонија што се возвишуваше кон небесните предели, кон обиталиштето на божествениот Претеча, умолувајќи го да се застапува за душите наши. Дедо Партениј, пак, во својата вдахновена беседа ги упати сите кон тајната на подвигот и жртвата на Крстителот, нагласувајќи дека секое вистинско христијанско срце е повикано да ја живее истата ревност и пламен за Христа.

Денес, во утрината на овој свет празничен ден, како духовното крунисување на празникот, беше отслужена торжествена Божествена Литургија под чиноначалството на почитуваниот митрополит Дебарско-кичевски, Неговото високопреосвештенство г. Георгиј, во сослужение со Старецот на обителта, владиката г. Партениј, како и со повеќе браќа свештенослужители. Освен членовите на нашето братство, на Божествена Евхаристија богослужеа и благоговејните свештеници: протопрезвитерот и воедно епархиски секретар о. Никола Христоски, протопрезвитерот о. Бобан Митевски, протопрезвитерот о. Сашо Богдановски, протопрезвитерот о. Љупчо Симиџиоски, презвитерот о. Илија Попгонов, презвитерот о. Миле Ангелески, презвитерот о. Павел Крцоски, како и протоѓаконот Никола Ѓурчиноски. Светото Таинство се соврши како себлагодарствен принос што ги отвори портите меѓу земните и небесните. Манастирскиот католикон беше преисполнет со благочестиви верници, кои со трепет и љубов му принесуваа на славеникот Претеча благодарност и прозби.

На крајот од свештеното богослужение, нашиот почитуван митрополит г. Георгиј се обрати до верниците со свое вдахновено слово за маченичкиот подвиг на свети Јован Крстител. Потоа, во свечениот манастирски синодикон, тој срдечно му се заблагодари на нашиот старец и на братството за топлиот манастирски пречек, истакнувајќи ги своето задоволство и чест што присуствувал и зел учество во една ваква манастирска слава. Воедно, тој му го честиташе триесетгодишниот јубилеј на дедо Партениј, нарекувајќи го прав владика, духовен татко на монаси, градител на материјални, но пред сѐ, на духовни светињи. Притоа, тој му подари на нашиот игумен архиерејски енклопион со иконата на светото Благовештение. Од своја страна, пак, старецот му се заблагодари на митрополитот за укажаната чест, подарувајќи му од името на нашата монашка заедница комплет архиерејски одежди и митра, специјално подготвени за него од рацете на нашите браќа монаси и сестри монахињи – истите со кои владиката Георгиј богослужеше денес.

Со неизречива радост и со благоговејна тишина заврши ова свештено празнување, а во душите на сите остана втиснато чувството дека самиот Претеча, со својата моќно благодатно присуство, ги прегрна сите коишто се собраа на молитва и благодарност во неговиот дом.

Додека благодарноста се лее од нашите срца како планински поток, молитвено му се обраќаме на нашиот најмил патрон: О, свет и чесен Претечо Јоване, ти кој се удостои да Го крстиш Спасителот Христос, пази го ова смирено братство и сите кои со љубов прибегнуваат кон твојата заштита. Биди ни водич во покајанието и пламен огнен на љубовта кон Христа; биди ни патеводител низ пустината на овој свет, како што им беше на своите современици кон патот на благодатта. Нека твојата чесна глава, којашто беше принесена како незамолчиво сведоштво за вистината и за правдата, биде наш штит и наша надеж во сите дни на нашето земно патување кон вечноста, та да бидеме секогаш достојни чеда на твојата љубов божествена. Амин.