Собор на Архангелот Гавриил во Долнодримколскиот Манастир

Денес, во древниот Долнодримколски Манастир, посветен на Светиот Архангел Гавриил, метох на Бигорскиот манастир, по иницијатива на нашиот возљубен Старец епископот Антаниски г. Партениј, се одбележа празничниот спомен на Соборот на Архангелот Гавриил.

Оваа светиња, која пред една година заживеа после осум децении тотална запустеност, повторно станува прибежиште за сите оние што бараат духовна обнова.

Така и оваа година, сплотени во молитвен дух, благочестиви верници дојдоа на ова свето место, за заедно со братството на Бигорскиот манастир да го побараат застапништвото од својот небесен благовестител, кој и денес нè потсетува благовестејќи за големата Божја милост и за можноста за обновување на секоја човечка душа преку преобразителната сила на верата.

А најголема радост се излеа во срцата на годинешните кумови, сопружниците Томе и Наде Пееви, кои во чест на Архангелот подготвија коливо што беше осветено и разделено на присутните верни.

Нека овој манастир, по молитвите на Светиот Архангел Гавриил, прерасне во место каде што верните ќе ја наоѓаат Божјата благодат, зацврстувајќи ја својата духовна врска со Него и продолжувајќи ја традицијата на нашите предци.