Спомен на Свети Лонгин Стотник и јубилеен 50-ти роденден на Старецот и Владика

На многаја и благаја лета!


Беше третиот час, и Го распнаа. И имаше натпис за вината Негова: „Цар Јудејски“. … А Исус, пак, испуштајќи висок глас, издивна. И завесата на храмот се расцепи на две, одозгора додолу. А стотникот, што стоеше спроти Него, кога виде дека Тој, откако извика така и издивна, рече: „Навистина Овој Човек бил Син Божји!“

(Марко 15:25-26,37-39)

Навистина Овој Човек бил Син Божји! Овие се исповеднички зборови на еден римски заповедник, незнабожец, со кои на цел свет до денес му сведочи дека Исус Назареецот, Распнатиот, навистина е Синот Божји. Откако со свои очи го видел страданието и распетието на Господа, како и страшните работи што се случиле на тој Велики Петок, овој незнабожец поверувал во Христа Господа, постанал Негов сведок и следбеник и накрај со маченичка смрт ја посведочил вистината за Него, украсувајќи се со светителски венец во бесмртното Царство Христово. Се викал Лонгин Стотникот и Црквата православна го празнува неговиот спомен на 16 октомври (29 нов стил) секоја година.

Токму на неговиот спомен, во 1970 година, во благословениот град Битола, на овој свет се родил уште еден сведок, со живот и дело, на Синот Божји – нашиот Старец и духовен татко, Епископ г. Партениј. А кога, пак, ние монасите, ќе си спомнеме за денот на раѓањето на нашиот возљубен Старец, тогаш сигурно е дека громогласно и со благодарност кон Бога ќе воскликнеме, што благословил да постои овој човек, кому му ја должиме сета своја љубов и синовска верност. Да, тоа е нашиот татко, нашиот највозљубен, нашата надеж и поткрепа, нашата најголема радост и утеха! Роден за секојдневно да ги принесува солзите свои, својата пожртвувана љубов, сѐ додека одново не нѐ роди и изведе од состојба на ропство во слобода, нас, саканите деца свои.

Бигорската Обител, украсена со празнично расположение на духот, денеска ја собра сета наша монашка заедница, која ликуваше и во еден глас пееше: „Нека е благословен предобриот Татко небесен! Нека е благословен овој голем ден! Нека се благословени родителите што пред точно педесет лета го донеле на свет нашиот духовен родител, чиишто духовни рожби сме!“ Душите се радуваат, верните чеда од сите краишта на светот честитаат и неизмерно благодарат за најголемиот дар од Бога во нивните животи: за Старецот, таткото, патеводителот, за оној кој ги крепи нивните срца и ја воскреснува нивната надеж. А тој, пак, смирено како и секогаш и со огромна љубов, ги стопли срцата на сите присутни, осврнувајќи се кон ликот и делото на светиот Лонгин Стотник што денес се слави:

На денешната Света Литургија, мили мои, како што пред малку чувме, светата Црква го поставила за читање евангелското четиво од Велики Петок, поради тоа што Светиот чијшто спомен денес го празнуваме, е еден од очевидците и учесниците во трагичната драма на Голгота.

Тој е Лонгин Стотникот, или на латински Центурион, кој бил заповедник на сто римски војници. За време на страданијата на нашиот Господ Исус Христос, тој бил задолжен да го чува Неговото тело додека виси на Крстот и најпосле да ја потврди Неговата смрт, прободувајќи го со копје во Неговите спасителна ребра.

Навистина необичен светител, повикан на необичен начин, преку чудо Божјо. Сведок на големи нешта. Впрочем, сите Светии се токму тоа – сведоци. Оние коишто го избрале патот до Бога и бескомпромисно Го последуваат Христа. Иако призвани од Господа на различни начини, сите тие носат во себе една иста тајна. Го положуваат Христос пред сè и над сè, станувајќи Негови очевидци и сведоци. Некои од нив го запечатиле своето сведоштво со маченички подвиг. Меѓу нив се вбројува и Свети Лонгин Стотник кој завршил како мартир, т.е. во превод од грчки – сведок и маченик. И со својата крв го посведочил и потврдил она што го беше видел на Голгота. Како што дознаваме од Светото Евангелие, тој, откако ги видел страшните настани на Голгота, страданието и распетието на Спасителот, големите чудесата што се случиле по Неговата смрт, помрачувањето на Сонцето и земјотресот, истекувањето на вода и крв од Неговите прободени ребра, уплашен извикал: Навистина Овој беше Син Божји! (Матеј 27,54)

Од тој најстрашен ден во историјата на човештвото, на овој римски военоначалник животот целосно му се променил. Од ладнокрвен војник, како што во тоа време биле воспитувани сите римски војници, крволочно да газат сè пред себе и да ѝ носат победи на Римската империја по секоја цена, Лонгин станал кроток човек кој Го засакал Бога и Го ставил Христа пред сè и над сѐ во својот живот, така што накрај покажал подготвеност и да умре за Него. Истото го гледаме кај сите Божји Светии; на некој начин сите тие биле слични како Лонгин, како Апостолите кои страдале за Христа и така го оприсутнувале Царството Небесно на земјата уште додека живееле на неа, а потоа само се преселиле во вечното Царство, во небесната Црква, од каде што со нивните застапнички молитви секојдневно ни помагаат. Нивните животи, пак, за нас се најсветли примери. Апостолот Павле вели: ве молам, бидете мои подражаватели, како што сум јас на Христа! (1. Кор. 4,16)

Треба да се огледуваме, мили мои, на Светиите Божји. Денес да извлечеме поука од необичниот стотник Лонгин, кој Го исповедал Христа за Син Божји после видените чудеса. Некој од вас можеби ќе рече: „Но, нам денес ни е потешко; ние не видовме такви чудеса како Лонгин Стотникот“. Не би се согласил. Во светотаинскиот живот на Црквата сите ние сме сведоци на истите големи чудеса. Секоја Света Литургија е едно таинствено повторување на Голготата и на Воскресението. Нашиот призив да бидеме монаси и Христијани е, исто така, сличен со призивот на Свети Лонгин. Зашто, зад тој призив се крие, всушност, чудесниот Божји глас упатен кон сите нас. Некогаш тој призив несвесно го сметаме за некаква случајност, но бидете сигурни, не е така. Зад тој позив, некогаш толку едноставен, се крие преслаткиот Божји глас кој нѐ вика кон спасение.

Ние постојано грешиме, можеби наликуваме дури и на Лонгин Стотникот пред да ја крене раката и да Го прободе десното ребро на Христа. Со нашите постојани гревови, со нашата духовна ладнотија, честопати Го прободуваме Христа. Но, во сето тоа уште повеќе ни се потврдува Божјата љубов кон нас. Оти, што беше тоа што го натерало Лонгин да поверува? Долготрпението Христово. Му се потврди дека Тој, Распнатиот, сега немоќен во очите човечки, е Синот Божји, Кој го создаде светот и од Крстот го спасува.

На Голгота имало многу очевидци, некои се преобразиле, но некои останале ладни во срцето. И од двајцата разбојници, сораспнати со Господа, едниот се покајал и се спасил, другиот хулел и се погубил.

Мили мои, секојдневно грешејќи и добивајќи прошка, ни се потврдува големата Божја љубов, големото Божјо долготрпение кон нас. Затоа, после секоја прошка да го славиме и величаме Божјото долготрпение, извикувајќи како Лонгин Стотникот: ‘Навистина Овој е Син Божји’, Кој се распна заради мене, кој ме љуби бескрајно и долготрпеливо го чека моето спасение, постојано давајќи ми прошка и нова шанса за почеток. Такво е, мили мои, Божјото долготрпение, секојдневно присутно во нашите животи. Да се молиме да ни се отворат духовните очи како на Лонгин, та после сите наши прегрешенија, удари кон Него и прободувања на Неговите пречисти ребра со нашите грешки, да можеме пак и пак во покајание да извикаме: Навистина Овој беше Син Божји!

Ви благодарам на присуството, ви благодарам на љубовта со која се собравте сите денес, за да го прославиме споменот на Светиот Маченик Лонгин Стотникот. По Божја промисла, пред педесет години, сум се родил на овој ден, но, како што знаете, во нашата христијанска теологија, нема големо значение денот на раѓањето, туку денот на исходот од овој свет. Сите ја знаеме нашата стара народна поворка која гласи: „Крајот го краси делото“. Важно е како ќе излеземе од овој свет, па затоа ги просам вашите молитви. Да ме удостои добриот Бог кога ќе си заминувам одовде, да можам да го кажам исповеданието на Свети Лонгин: Навистина Овој беше Син Божји, Бог мој од утробата на мајката Моја, надеж моја и спасение мое. Затоа, чеда мои возљубени, како ваш татко и владика, смирено ги просам вашите молитви коишто ми се многу потребни. Сите да се удостоиме да имаме добар крај, да останеме во подвигот, да се здобиеме со силна вера како денешниот славеник, којшто бил сведок на големи нешта. Ние, монасите, секојдневно служиме Литургија во нашите манастири, се причестуваме со пречистите и бесмртни Тајни, се причестуваме со несоздадените Божји енергии преку Исусовата молитва и секојдневно ги гледаме величијата Божји, сведоци сме како Христос спасува илјадници луѓе. Да ја утврдуваме постојано нашата вера со сето тоа, за да останеме цврсти во подвигот, та кога ќе дојде часот, безбедно да се преселиме во вечното Царство. Простете ми, молете се за мене и да ми сте живи и здрави!

А на монашкиот синаксис во чест на роденденот на нашиот Старец, од името на сите браќа и сестри, се обрати нашиот почитуван јеромонах Доситеј:

Возљубен наш Старче, Игумене и Епископе Антаниски г. Партениј

Почитувани браќа и сестри,

Дозволете ми, во името на сите, да Ви честитам 50 годишен јубилеј-роденден, односно пола век живот.

Оваа година, како што спомнавме на денот на монашењето, се совпаѓа со 25-годишнината од монашењето, односно четврт век, како и 1000 години, десет века, еден милениум, постоење на Бигорскиот Манастир, што достојно се одбележа! Се разбира, достоен печат на сите јубилеи беше и Вашата хиротонија во Епископ, кога ја доживеавте Вашата лична Педесетница.

Како што вели Книгата Проповедник, 3 глава:

Сè има свое доба, и секоја работа под небото свое време. Време за раѓање и време за умирање; време за садење и време за корнење на посаденото. Време за убивање и време за лечење; време за разурнување и време за градење. Време за плачење и време за смеење; Време за тажење и време за играње. Време за фрлање камења и време за собирање на камења; време за прегрнување и време кога се остава прегрнувањето.

Божјата Промисла сакала Вие да бидете во времето на садење и градење. Во милениумското постоење на Бигорски Господ допуштил и беди, но дал и голем благослов преку чудотворната икона на Свети Јован Крстител, за зачувување на континуитетот на монаштвото. Без Божјата заштита, а се разбира, по молитвите на сите црнорисци од сите генерации, на ова место во лута Дибра, на периферијата на секоја империја, не би останало камен на камен, доколку Свети Јован не бил тука присутен, со истоимената благодат преку својата чудотворна икона, која сама дошла овде. Божјата промисла за ова место се гледа од самиот почеток, бидејќи Ктиторот на Бигорскиот Манастир, станува прв Архиепископ и основач на славната Охридска Архиепископија, од која се изнедрија плејада светители, од преподобни, свештеници, до свештеномаченици и новомаченици, преку чии молитви од Небесниот Ерусалим ние до ден денес добиваме закрила. Голема поткрепа е и славното блиско минато на Преродбата. Со вакво минато и вакви предци, Бигорскиот Манастир не заслужил ништо помалку од Вашата личност, која за само 25 години, од кога сте поставен преку раката на Високопреосвештениот надлежен Митрополит Тимотеј, направи нова преродба, како за верниот народ така и за монаштвото. Наша цел и императив како Ваши духовни чеда, во овој, како и останатите манастири, е да Ве последуваме во Вашата љубов по која сте надалеку познат, кротоста, мудроста и се разбира, духовноста.

Заштитник на Вашиот роденден е Свети Лонгин Стотник, кој иако не бил дел од апостолите, со свои очи ги видел Голготските маки и бил еден од сведоците на Христовото воскресение. Веднаш потоа побарал да биде крстен, а откако Евреите не успеале да го потплатат да зборува против Воскресението, т.е. лажно да сведочи, со своите двајца другари, кои исто така се крстиле, заминал во домот на родителите. Таму, откако проѕрел дека се испратени војници да ги убијат, ги примил војниците, ги нагостил и после целовечерната молитва, им кажал дека се тие тројцата кои ги барале и на негово инсистирање му ја отсекле главата.

Така и Вие, возљубен наш Старецу, секојдневно ја имате Вашата лична Голгота кога страдате заради нас и заради сите Ваши духовни чеда и заради целиот свет, но ја имате и Воскресенската радост заради секоја покајана душа, за која се радуваат и Ангелите на небесата.

На многаја и благаја лета!

Да сте ни жив и здрав и да раѓате уште многу духовни чеда и непрестајно да се молите за сите нас, посебно за нас црнорисците, за да бидеме Ваша радост!

Како скромен дар за овој роденден, Ве молиме да го примите овој архиерејски крст и оваа панагија!