„Голема е тајната на љубовта: таа не бара свое, но сè дарува, и во даруваното – себеси се наоѓа.“
Постои еден ден во годината кога светилиштето на Чесниот Претеча крај Радика затреперува со посебна радост; кога ѕвоната на манастирската камбанарија ѕвонат малку поинаку, со тон на синовска благодарност, а не само на празнична радост; кога свеќите горат со поинаков сјај и испишуваат со светлина едно големо БЛАГОДАРАМ. Тоа е денот на споменот на нашиот отец меѓу светиите, Партениј епископот Лампсакиски Чудотворец; денот кога нашата монашка заедница, заедно со безбројните духовни чеда и пријатели од блиску и од далеку, добива благословена прилика да му го искаже она што секојдневно го чувствува, а толку ретко го изрекува: длабоката и неискажлива благодарност кон својот Старец, Преосветениот епископ Антаниски г. Партениј.
Зашто, што е Старецот, ако не жив олтар на кој, тивко и незабележано, се принесува секојдневна жртва за секој еден од нас? Што е неговата љубов, ако не она светло и кротко горење во кое еден човек се дава целосно себеси – своите сили, своите молитви, своето здравје и години – за другите да живеат, да дишат, да растат во Христа? Старецот е токму тоа: татко чијашто жртва не се мери со зборови, туку со тишината на неговата постојана молитва, со тежината на неговата грижа, со ширината на неговото срце кое ги собира сите – и оние кои му се блиски, и оние кои допрва му стануваат блиски, но и оние што се далечни.
И оваа година, во овој благословен ден, светата обител крај Радика стана живо средоточие на молитвословие и благодарност. Од сите страни, по патиштата што водат кон оваа древна светиња, се слеваа множества верни, монаси и мирјани, свештеници, духовни чеда и пријатели, сите со една иста жед: заедно, со едни усти и едно срце, да Му принесат славословија и благодарствени молитви на великиот Дародавец Христос, Кој ни го подари нашиот Старец како жив знак на Својата промисла за нас.
На наша особена радост и утеха, меѓу присутните, со своето драгоцено присуство го почестија нашиот Старец и свештенослужители од помесните православни цркви на Грција и Србија, како видливо сведоштво за оние невидливи нишки на братската љубов во Христа, кои ги поврзуваат светите Божјите цркви во неразделно единство. Имено, во нашата радост учествуваше архимандритот г. Доситеј, старец на прочуениот манастир Гргетег на Фрушка Гора, заедно со отците Јулијан и Александар од Сремската епархија; потоа архимандритот г. Амвросиј од манастирот на Света Параскева – Макриница, со протопрезвитерот Ставрос од Димитријадската епархија, како и повеќе свештенослужители од нашата Црква. За жал, најавените светогорски отци беа попречени во своето доаѓање од лошите временски прилики во Света Гора, но нивното духовно присуство и благослов беа повеќе од драгоцени за нас.
Беше навистина трогателно да се види тоа заедничарење во Христа, да се слуша тоа соборно моление, тие стихири и славословија на празничната вечерна богослужба, со која претстоеше нашиот Старец, преосвештениот Антаниски г. Партениј. Зашто тука, во овие мигови, не се собравме само како луѓе од различни земји и епархии, тука се собра Црквата во нејзиното најавтентично обличје: како семејство, како едно тело, како заедница на оние кои се препознаваат едни со други во Христовото лице.
На крајот од вечерната, видно трогнат од големата љубов на сите присутни, Старецот им се обрати на сите со благодарствено слово, со едно од оние негови обраќања во кои секој збор носи тежина на преживеаното и длабочина на измоленото; обраќања во кои неговото кротко срце, навикнато повеќе да дарува одошто да прима, на миг ја открива сета ранливост на благодарноста.
Потоа, духовните чеда, еден по еден, му принесоа на Старецот свои дарови на благодарност, проследени со пригодни посвети – секоја од нив мало сведоштво за она големо и неизмерно нешто што секое духовно чедо го чува во своето срце: за спомен на зборот кој го променил, за молитвата која го окрепила, за благословот кој го исправил. Според редот, на Старецот најнапред му честиташе нашата монашка заедница, претставена од нашиот најстар собрат архимандритот г. Доситеј, кој му се обрати на својот духовен отец со едно прекрасно благодарствено слово.
А на излегување од храмот, нашиот Старец го очекуваше едно навистина уникатно изненадување: младите уметници од хорот по источно-православно црковно пеење „Митрополит Козма Пречистански“ приредија претстава-мјузикл посветена на евангелската Парабола за блудниот син, во режија на нашиот реномиран актер и режисер г. Владо Дојчиновски, со талентираниот актер г. Кристијан Танчевски во главната улога, додека членовите на хорот ја придружуваа изведбата со музика и пеење. Параболата за блудниот син, таа вечна повест за заблудата и враќањето, за падот и прегратката, за бескрајното милосрдие на таткото кој трпеливо чека, одекна со необична сила во ова свештено опкружување, пред дедо Старец кој целиот свој живот го посвети токму на тоа: да биде слика на Отецот Кој чека, Кој простува, Кој прегрнува. Сите присутни без исклучок беа длабоко трогнати.
По завршувањето, следуваше почастение во свечениот манастирски синодикон, каде што владиката ги примаше честитките од многубројните духовни чеда и пријатели, со онаа негова позната топлина во очите, во која секој препознава дека е примен, дека е сакан, дека не е заборавен.
Вечерта заврши со благопожелби за нашиот возљубен Старец, со молитва овој Господов служител да ни биде подарен уште долги години, со здравје и со сила, за светлината на неговото монашко сведоштво да продолжи да го осветлува нашиот пат, а неговата старечка молитва да нè собира и понатаму околу Христа, во овој свет манастир на покајанието, каде што Бог не престанува да дејствува преку Своите верни служители.
Нека е вечен и благословен споменот на свети Партениј Лампсакиски, а нашиот Старец нека ни го дарува Господ уште долги, родоносни години, во крепко здравје и вдахновено просветление, за слава Божја и за спасение на душите наши!
На многаја лета, владико свети!































