Светлиот спомен на светиот великомаченик Теодор Тирон и неговото славно чудо со кое некогаш одамна верните биле запазени од сквернавење со храна, повторно заблескува во историјата на нашето спасение, и денес, во оваа прва великопосна сабота, ни испраќа нова моќна надеж и утеха.
Навистина, премудроста Божја, со која Он ја раководи Својата света Црква, одново силно нè укрепува на залезот од првата седмица на Великиот пост. И токму сега, кога штотуку зачекоривме во подвигот на себепоправањето, ни се испраќаа штедриот благослов на Светиот Великомаченик – благослов што ни е толку неопходен во оваа духовна борба.
Денес го славиме споменот на неговото чудо и повторно се уверуваме во неприкосновената вистина, дека светителите Божји ја имаат слободата да се грижат за нас и секогаш брзо да ни одговорат кога ги повикуваме. Денес го принесуваме коливото што рацете наши го сотворија, молејќи се светиот Теодор да нè запази од новите идолски жртви на нашето време: егоизмот, омразата, сластољубието, незапирливата жед за поседување на што повеќе материјални богатства, обезличувањето и идолопоклонството кон сопственото тело. Денес јадејќи од оваа слатка и благословена храна во чест на Светителот, се потсетуваме на најважното сознание: дека во ова напрегнато самопознание, во оваа борба со нашиот стар внатрешен човек кој нè влече кон понорот на гибелот и страстите, не сме оставени сами на себе. Напротив, ја имаме бескрајната помош на сите светии, кои секогаш стојат исправени, спремни да ги послушаат нашите молби.
Веруваме дека Бог, по застапништвото на светиот Теодор Тирон, нема да ги остави оние кои со љубов и ревност доаѓаат во храмот за да го прослават неговиот свет спомен. Веруваме дека неговите молитви ќе нè укрепат во овој пост, влевајќи ни нови благодатни сили со кои ослободени од земните грижи, ќе можеме полесно да чекориме кон Светата Пасха. Нека нè удостои Човекољубецот Господ да ја дочекаме со чисти срца и неосквернети души!