Осветлени од несоздадената светлина на Христовото Воскресение, озарени со топлината на благодатта што изобилно се излева во овој сепразничен и животодавен ден, нашите души треперат во радосен восхит, а умот ни е просветлен од вечниот блесок на невечерниот Ден. Со благодарност и тивка песна, со зборови кои едвај можат да го искажат неискажливото, Го славиме Воскреснатиот од гробот по три дена – Оној Кој е Причина за нашето воскресение, Почеток на новото создание, Победникот над смртта.
Радоста од Пасхата Господова продолжи и во попладневните часови, кога, според древниот типик на Црквата, се отслужи Вечерната на љубовта – Второто Воскресение. Ова богослужение е, пред сѐ, сведоштво за севкупноста и сеопфатноста на Христовата победа: Евангелието се чита на повеќе јазици, како знак дека радосната вест за Воскресението е наменета за сите народи, за секое срце, за секое време.
Собрани околу својот духовен татко и старец, Епископот Антаниски г. Партениј, монашкото братство, сестринствата и множеството верни – особено многубројни млади – го исполнија храмот со трепетна радост, со живо сведоштво за воскреснатиот живот во Христа. Оваа вечерна богослужба стана вистинска икона на Црквата: заедница на љубовта, на радоста, на Воскресението.
По завршувањето, сите присутни едни со други ја споделија пасхалната радост, поздравувајќи се со вечниот поздрав: Христос воскресе! – Навистина воскресе! Притоа, тие примија благослов и пасхално јајце од владиката г. Партениј, а се поклонија и на светите мошти што се чуваат во Светата Бигорска Обител – сведоштва на победата над смртта, на непрекинатото присуство на светоста меѓу нас, на животот кој повеќе не може да биде уништен.
Пасха Господова – ден на надеж, ден на светлина, ден на љубов и вечност!
Христос воскресе!