Величествено воведување на Светите Спасо и Спаса во Диптихот на Светиите

Вчера, на 8 јуни 2024 година, светата Црква Божја забележа уште еден вонреден и благодатен настан – почеток на впишувањето на Светата Спаса Вишенска во Диптихот на Светиите. Оваа возвишена свеченост најнапред започна со архиерејска вечерна богослужба во храмот „Свети Атанасиј Велики“ во живописното струшко село Вишни. На празничната богослужба претстоеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со својата богомудра грижа и молитвена посветеност нè внесе во духовниот простор на Светиите, пред престолот на вечната и неисцрпна благодат. Со него служеа браќа архимандрити, јермонаси и свештенослужители од нашето братство и од нашата богочувана Дебарско-киечвска епархија, во молитвено присуство на радосните виешнци, горди на својата светителка, и на многуброен верен народ, дојден за овој голем настан од животот на локалната Црква.

По вечерната богослужба, со длабока побожност и со свештен трепет, од страна на богољубивиот и светителољубив владика г. Партениј, беше извршено обредното измивање и очистување на чесните мошти на Светата Спаса Вишенска. Овој чин, полн со духовна смисла и значење, е сведоштво за нашето внатрешно прочистување и обновување преку светите добродетели и подвизи на светителката, која со својата бескопмромисна љубов и саможртва за Христа го покажа патот на вистинското пожртвувано христијанско живеење.

Потоа чесните мошти беа свечено пренесени во соборниот храм на Охридската Архиепископија, Света Софија Охридска, каде што беа пречекани со неизмерна радост и почит од страна на надлежниот Митрополит на богочуваната Дебарско-кичевска епархија, г. Тимотеј, кој заедно со своите браќа архиереи, со бројното свештенство и со молитвеното учество на народот, ја изврши последната панихида за новојавените Светии Спасо и Спаса, според востановената пракса на Црквата.

Овој свештен настан ни отвори светол прозорец кон царството небесно, оспособувајќи нè сите нас да ги чувствуваме и восприемаме небесната стварност и духовни вистини, кои преку светителите стануваат видливи и опипливи и за нас.

Прославувањето на Светите Спасо и Спаса е живо сведоштво за непрекинливиот живот на светоста во Црквата Христова. Светиите низ вековите ни покажуваат дека Христовиот пат е пат на љубовта, на пожртвуваноста и на смирената послушност. Со впишувањето на Светите Спасо и Спаса во Диптихот на Светиите, нивниот свет пример и молитвено застапништво стануваат извор на благодат и утеха за сите нас.

Нека молитвите и застапништвата на овие наши новојавени Светии бидат секогаш со нас и нивното светло сведоштво нека нè води кон вечниот живот во Христа, Кој е нашиот Пат, Вистина и Живот.

Амин.