Денес нѐ повикува сечесното торжество на јерархот Јован. Затоа, дојдете согласно да го воспееме, со набожност пеејќи: радувај се, на Обителта на Крстителот божествен градителу и премудар законоположнику на подвизите во неа; радувај се, славо на преподобните и боговдахновен свештенодејствителу на Евангелието на благодатта; радувај се, прославен пастиру на Охрид и неисцрпен извору на чудеса. Но, бидејќи претстоиш на пред престолот на величието, за нас непрестајно моли ја Света Троица, отче најсвети.
– славник на Господи возвах
Додека вчерашната торжествена манастирска слава, посветена на Усекновението на Чесниот Претеча, се слеваше во попладневните часови со златните зраци на Сонцето што заоѓаше зад Крчин, традиционалната ктиторска вечерна богослужба ја исполни светата обител со длабока благодарност кон сите оние кои низ вековите ги положија камењата и своите животи во ова преславно светилиште. Под молитвеното претстоење на нашиот возљубен старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, мислите и молитвите на монасите и на присутните се возвишуваа кон престолот на Милосрдниот, благодарно спомнувајќи си за порано заминатите отци и браќа наши.
Во таа благодарствена и трогателна атмосфера, по завршувањето на вечерната, старецот со браќата свештенослужители отслужи парастос за сите ктитори, градители, благоукрасители, монаси и подвижници на илјадагодишната Бигорска обител. Молитвите излеани од срцето уште еднаш ни ги отворија духовните учи, за да видиме дека сите ние заедно – и минатите, и сегашните и идните – сме една нераскинлива заедница, едно семејство, едно тело во Христа. Иако имињата на многумина од нив се можеби одамна заборавени од луѓето, тие се запишани во вечноста пред лицето Божјо.
Денес, пак, споменот на првиот и славен ктитор на Бигорскиот манастир, свети Јован Дебранин, Архиепископ Охридски, беше крунисан со манастирско сослужение предводено од Светиот Антаниски. Во таа тивка и таинствена Евхаристија, духот и благословите на великиот светител и наш секогаш споменуван основател се спуштија врз нас како благодатен облак, потсетувајќи нè на заветот дека секој камен од овие осветени ѕидови е положен со молитва, секоја икона е насликана со благодарност, секоја фреска со воздишки, секој тропар е отпеан со љубов кон Возљубениот.
Светиот отец наш Јован Дебранин не е ктитор само во материјална смисла. Тој е и духовен архитект кој ги втемели основите на небесниот Ерусалим на ова свето место. Неговата визија го надмина времето: тој го основа Бигорски не само како манастир од камен и дрво, туку како живо тело на Црквата Божја, како небоподобно светилиште во кое безброј души ќе наоѓаат спокој и множества срца ќе се распламтуваат од Божествената љубов.
Бигорски и денес живее токму од таа негова благословена рака и од жртвената љубов на сите ктитори и подвижници низ вековите, кои како живи камења се вградија во ова духовно тело. Секоја фреска, секое камче, секој трепет на молитва сведочи за нивната вера и за нивната жртва. Затоа и нашата благодарност не е само сеќавање на минатото, туку жив завет, дека и ние денес, во времиња полни со разноразни притесненија и искушенија, сме повикани да продолжиме да бидеме градители и створители: на молитвата, на љубовта, на добрината, на заедништвото во Христа. Секој ден што го живееме во овој благословен простор е продолжение на нивната молитва; секоја литургија што ја служиме е одговор на нивната надеж; секој гостин што го примаме е исполнување на нивната љубов кон ближниот.
Нека благословот на светиот Јован Дебранин и на сите ктитори и подвижници на Бигорски продолжи да се излева врз оваа света и свештена обител сѐ до воспоставувањето на новото небо и новата земја!
Амин.