При нашата неодамнешна посета, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј оддели време да нѐ запознае со содржината на седумте овални слики што се наоѓаат во гостоприемната одаја
Манастирскиот комплекс на свети Јован Крстител, меѓу народот познат како Бигорски манастир, има автентична македонска архитектура од 19 век, со чардаци, покрив со камени плочки, монашки ќелии, гостински одаи, библиотека, два параклиса, машка трпезарија, маѓерница, магацини и други простории меѓусебно поврзани од Долен палат, низ Источен палат, до Горен палат. Во средината се наоѓа манастирската црква посветена на патронот на манастирот, свети Јован Крстител, која со својата убавина ги плени домашните и странските посетители и гости. Во манастирот секојдневно доаѓаат организирани групи туристи од сите региони на Македонија, како и туристи од западноевропските држави и соседството, а најмногу од Словенија, Полска, Чешка, Словачка, Австрија, Германија, како и од прекуокеанските држави САД и Канада и од Австралија. По секоја посета на Бигорски, може да се забележат простории со нови содржини.
При нашата неодамнешна посета, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, оддели време да нѐ запознае со гостинската одаја, која се наоѓа меѓу големата (машка) трпезарија и маѓерницата, во Горни палат.- Одлучивме да биде наменета за голем синодикон, т.е. претставителна и гостоприемна одаја за посебни пригоди: слави, бденија, свечености, настани, посети на црковни и државни великодостојници и сл. За внатрешното уредување на синодиконот посветивме навистина големо внимание. Како што забележувате, подот е изработен од дрвена интарзија, таванот го краси таваница во дрворез, а исто така и мебелот е според наше идејно решение. Ѕидовите се насликани со кафеаво-жолтеникави орнаменти, од рацете на монасите и на нашите помошници -вели отец Партениј.
Тој ни ја објасни и содржината на седумте овални слики што се наоѓаат во гостоприемната одаја.
– На големиот закосен прстен, во седум овални површини е живописно прикажана историјата на свештениот Бигорски обител. Во првиот медалјон е претставено чудото со пронаоѓањето на иконата на св. Јован Крстител над изворот од страна на монахот Јован Дебарски – првиот ктитор на манастирот. На вториот медалјон е насликано основањето на обителот во 1020 година, со ктиторот Јован, како архиепископ охридски, кој ги благословува првите монаси што му ја принесуваат иконата од св. Јован. Третиот овал го прикажува манастирот во византиската доба, а четвртиот неговото разурнување и опустошување од Османлиите.
Впрочем, во историските извори се посведочени две разурнувања од поробувачите, но поради просторот симболично е прикажано само едното. Петтиот медалјон ја претставува скромната обнова во средината на 18 век, во времето на игуменот Иларион. Во шестиот медалјон е прикажано времето на преродбата, т.е. првата половина на 19 век, при игуменството на значајниот игумен Арсениј. Последниот, седмиот, последен медалјон го прикажува совремието на Бигорскиот обител, со новоподигнатите конаци Долен и Источен палат, манастирската фијала и пиргот – објаснува отец Партениј.
Тој додава дека на горниот прстен, пак, во четири исто така овални медалјони се насликани четирите древни и за православието особено значајни града, во кои биле изградени првите храмови на премудроста божја: Константинопол, Солун, Охрид и Киев.
– Сите медалјони беа насликани од брачната двојка Игор и Викторија Егорови, познати сликари и професори од Санкт Петербург. Сè на сè, целиот синодикон беше насликан за една година, но со поголеми интервали пауза – додава отец Партениј.
Тој ни ги претстави и другите фрески и предмети што се наоѓаат во гостинската одаја. На јужниот ѕид, над каминот, вклопен во самата шара, е насликан историскиот и земски грб на Македонија – лавот, додека на источниот ѕид – двоглавиот орел, препознатливиот симбол на византискиот комонвелт и на православието. Под него, во внатрешниот олтар на источниот ѕид, е насликана ктиторската претстава на која е прикажано како свети Јован Крстител и свети Јован Дебарски, основачот на обителот, во своите раце го држат целиот комплекс, а Господ Исус Христос го испраќа својот благослов од небото.
– На страничните површини лево и десно, во кружни медалјони распоредени во цветни орнаменти, се наоѓаат ликовите на светите рамноапостоли на Словените, Кирил и Методиј Солунски и Климент и Наум Охридски. Нивното присуство овде ја означува вековната традицијата на Бигорскиот манастир да се служи, проповеда, учи и пишува на мајчин словенски јазик и писмо. Ктиторската претстава, вклучувајќи ги и медалјоните со светите рамноапостолни учители и просветители, е дело на зографката Виолета Нанова од Скопје. На јужниот ѕид се поставени три икони, на Господ Исус Христос, на пресвета Богородица и на свети Јован Крстител, од 17 век – вели отец Партениј.
Монаштвото во Бигорскиот манастир, на чело со игуменот Партениј, беше обновено во август 1995 година, пред 22 години. За над дведеценискиот период монасите не само што вложуваат голем труд да го комплетираат манастирскиот комплекс туку е значајно и тоа што ја зацврстија духовноста во западниот дел на Македонија и пошироко.
Секојдневните богослужби масовно се посетени, а во деновите на викендот, црквата е претесна да ги собере сите верници, а за црковните празници престојуваат и по неколку илјади лица.
Игуменот Партениј објаснува дека, покрај започнатите активности, кои се наоѓаат во завршна фаза, односно изградбата на манастирските конаци во метохот „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, комплетирање на „Куќата на Мијаците“, на рибниците покрај реката Радика, се подготвува и техничката документација за изградба на манастирски конаци за гости, а изградбата се очекува да започне во почетокот на идната година. Со изградбата на гостинскиот конак ќе се реши еден долгогодишен проблем и ќе бидат задоволени потребите на посетителите што сакаат во ова свето место да преноќат, да останат подолго време и да се насладуваат на духовната монашка храна.
Автор: Киро Кипроски