Во храмот „Света Софија“ во Охрид денеска, на празникот посветен на апостолите св. Петар и св. Павле, ќе биде хиротонисан новиот епископ на МПЦ-ОА, архимандрит Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир.
Охрид, 12 јули 2020 (МИА) – Во храмот „Света Софија“ во Охрид денеска, на празникот посветен на апостолите св. Петар и св. Павле, ќе биде хиротонисан новиот епископ на МПЦ-ОА, архимандрит Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир.
Од 8:30 часот ќе биде отслужена празнична Божествена литургија, на која Партениј ќе биде хиротонисан за епископ антаниски.
Во свештената Бигорска обител вчера беше извршено наречението за епископ на архимандрит Партениј.
Монашкото братство и присутните верници во Бигорски му посакаа на отец Партениј достојно да го понесе товарот на новата архијерејска служба.
Од Бигорската обител, во пресрет на хиронијата на отец Партениј, соопштија дека имајќи ја предвид актуелната сосотојба со коронавирусот, се преземаат мерки за заштита на присутните. Ги замолуваат сите верници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита, кои, пред сѐ, вклучуваат задолжително носење заштитна маска и запазување на потребното растојание.
Во Охрид ќе биде ангажирана и агенција за обезбедување, која ќе се погрижи за максимално спроведување на редот и одржување на физичката дистанца. Исто така, во тоа ќе помагаат и службениците на СВР Охрид.
Со оглед на тоа дека мерките предвидуваат и ограничен број присутни во храмот, во кој ќе можат да влезат одреден број свештенослужители и гости, за да им се овозможи на сите верници молитвено учество во настанот, ќе бидат обезбедени надворешни видеоекрани, на кои ќе се врши директен пренос од богослужбата. Предвидени се три видеоекрани, едниот на влезот на „Св. Софија“, другиот на западниот трем каде што е амфитеатарот и третиот на плоштад, сѐ со цел подобро распоредување на граѓаните, за да се избегне формирањето поголема толпа. Со специјален ангажман на комуналното претпријатие во Охрид, во неделата пред да започне богослужбата ќе се изврши целосно дезинфицирање на храмот.
Поради денешната хиротонија во Охрид, Бигорскиот манастир денеска ќе биде затворен за посетители до 15 часот.
Синодот на МПЦ-ОА на 21 мај годинава едногласно го избра игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ архимандрит Партениј за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија со титула антаниски според античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште.
Тој истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.
Светиот архијерејски синод на истата седница го избра и отец Григориј, игуменот на „Свети Јоаким Осоговски“,за епископ сарандополски. Тој ќе го наследи митрополитот кумановско-осоговски г. Јосиф, кој беше ослободен од митрополиската должност од здравствени причини.
Наречението за отец Григориј е закажано за 25 јули во манастирот „Јоаким Осоговски“, а на 26 ќе се одржи хиротонијата во црквата „Свети Никола“ во Куманово, кога ќе биде интронизиран за митрополит кумановско-осоговски.
Новинар: Сашо Арсовски