Едновремено венчани 23 брачни двојки

 

Во древниот средновековен манастир „Св. Јован Бигорски“ кој се наоѓа во пазувите на реката Бистра, на спротивната страна од долнореканските села Битуше, Ростуше, Велебрдо и Требиште за викендот беше необично живо и весело. Имено, овде се случи еден несекојдневен настан како за регионот, така и пошироко: во манастирот едновремено беа венчани 23 брачни двојки, кои во изминатите 40 години од разни причини биле спречувани да застанат пред олтарот и да примат благослов од Светиклиментовата Македонска православна црква. Чинот на ова масовно венчавање што го следеа голем број роднини, пријатели и деца на „младоженците“ го изврши надлежниот

архиереј на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј во сослужение со повеќе свештенослужители и монаси на манастирот „Св. Јован Бигорски“. Овој свечен чин им донесе голема радост на невестите облечени во познатата битушка невестинска носија, но сепак најрадосни беа нивните деца, кои во оваа пригода изразија желба и самите да се венчаат тогаш кога ќе стапат во брак, а да не чекаат по 10, 20 30, па и 40 години.

За младоженците и гостите во манастирската трпезарија беше приреден и свечен ручек.