Монахот – слуга на Бога и народот

 

Заедно со младите монаси

Од неодамна во манастирите во Водоча и Вељуса, близу Струмица, кои се едни од најубавите во Македонија, како и во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ крај живописната Радика, вратите се ширум отворени како за верниците, добронамерниците и свештениците, така и за монасите. Ова е направено со посебен благослов на Светиот Синод на Македонската православна црква, зашто тие имаат задача и обврска кон Бога и својот народ, поскоро да го возобноват монаштвото кај нас.

Така било од памтивек, така било и сега, велат оние што се определиле за овој живот. Кон крајот на минатиот век монасите на овие простори ги имало многу и служеле за пример на останатите сестрински православни цркви. Атеизмот и неговото влијание против автокефалноста на МПЦ во минатото го направи своето. Затоа МПЦ, по осамостојувањето на државата, беше една и единствена на Балканот што остана без монаси и монахињи. Од овие причини се наметна потребата да се одредат манастири за да се возобнови монаштвото кое до пред сто и повеќе години опстојуваше и претставуваше пример за сите помесни цркви. Значи постојат сериозни причини да биде возобновен некогашниот цврст темел, пресуден за сегашниот и натамошен развој на МПЦ и верата.

 

Човекот има право да бира и одлучува

36 – годишниот отец Наум, сега владика на Струмичката епархија, пред десетина години, како Звонко од Скопје, а по потекло од Чумово, Прилепско, се определил за монах во Грчкиот манастир Григоријат на Света Гора. По искушеничкиот период, со останатите 80 браќа од година во година, како што и самиот тој вели, почнал да ги разоткрива тајните што во себе ги крие монашкиот живот. Пред неколку години, таму му се придружиле и отец Климент и сегашниот игумен на Бигорскиот манастир, отец Партениј.

Тројцата не кријат дека за време на слободното време во манастирот Григоријат тие често разговарале за монаштвото во Македонија, за потребата од неговото возобновување и омасовување. Па, кога дојде време и се создадоа основните предуслови, на повик од Македонската православна црква тие се вратија во татковината. Во реконструираните и современо изградени манастирски конаци со претходно утврдените монашки соби или „ќелии“, како што ги нарекуваат, во „Водоча“, или во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, веќе се формираат монашките братства, а во манастирот Вељуса и монашко сестринство, и тука по изборот што доброволно го имаат направено, а некои и без благослов на своите родители, повеќемина млади од Прилеп, Битола, Скопје, Куманово и Демир – Хисар, го започнаа својот монашки живот. За сега – велат тие – сме триесетина на број, а утре и повеќе.

Родителскиот лелек кон чедото единец, кој до вчера бил солиден студент на Филозофскиот, Машинскиот, Правниот или Медицинскиот факултет, а денес е искушеник или монах, полека стивнува. Вистината дека Сашко станува Силуан, Дејан – Доситеј, Зоран – Теофил, или Лилјана – сестра Ѓорѓија, е неизбежен факт, кој без разлика каков и да е, треба да се прифати. Порано или подоцна, вели ероѓаконот Давид, еромонахот Иларион, и игуменот Партениј, оние што го немаат родителскиот благослов ќе го добијат.

Одлуката е индивидуална. Определбата да Му се служи на Бога и на народот е дефинитивна. Откако ќе се стави скуфијата – монашката капа, и откако ќе се облече мантијата, враќање нема. Затоа искушеничкиот период трае од шест месеци до три години. Тоа би требало да подразбира дека време за да се донесе и смени одлуката – има.

Оние со поцврст карактер веќе се монаси, а ги има и во свештено – служителскиот монашки ред: ероѓакони, еромонаси, игумени, архимандрити, па сe до владици. Меѓу себе, чинот го почитуваат максимално, иако во основа во машките манастири сите се браќа, а во женскиот сестри.

 

Монашкиот живот „необичен“ но вистинит

-Колективниот живот и работа имаат приоритет, Заедно стануваме во четири наутро и сме на молитва во храмот до осум – со тивок, разговорлив глас ни објаснува игуменот Партениј. – Трпезата во 10 часот е задолжителна за сите. Секој си има свое послушание и ја исполнува својата работна обврска во конаците или во нивната околина, на имотот, кај стоката, сe до 16 часот. Потоа, следи уште еден час вечерна молитва, па во 17 часот, со благослов на најстариот по чин брат или сестра, имаме вечера. Во 20 часот секој се повлекува во својата ќелија. Тука го исполнуваме своето лично молитвено правило, или читаме црковна литература, или пак, подготвуваме испити за на факултет. Така е секој ден.

 

Секојдневната исхрана е исто така специфична.

-Главно двата дневни оброци ни се состојат од млечни производи, јајца, леб. Месото воопшто не е дел од нашата трпеза, а за време на постите се трудиме да јадеме поскромно и тогаш употребуваме единствено посна храна, ни велат монахињата Ѓорѓија во манастирот Вељуса и монахот Иларион во Св. Јован Бигорски.

Тоа што младите и нежни 25 – годишни лица се покриени со бради и долги коси е Божја работа. После монашкиот потстриг се избегнува сечењето на косата, а и брадата останува до крајот на животот. И бидејќи телевизијата и радиото го расејуваат умот и создаваат простор за „искушенија“, во интерес на монасите е да се оддалечат од ваквите навики од светот.

-Така е според канонските правила, ни објаснува ероѓаконот Доситеј. Она што треба да се знае, или што сакаме да го дознаеме, го дознаваме од гостите кои го посетуваат манастирот. И тоа во онаа мера во која е потребно, освен ако нашиот старешина не почувствува потреба за повеќе од тоа. При секоја, дури и најмала вознемиреност или желба за било што, надвор од востановениот ред во манастирот, тука се бројаниците со по 12, 33, 50 или 100 топчиња. Колку што има топчиња, толку пати ќе кажеме молитва кон Господ за помилување. Така е и треба да биде.

За монашкиот живот, за редот, меѓусебното почитување и разбирање, нашите соговорници уште долго ни зборуваа. Но, сепак, приоритет му даваа на уверението дека Бог проштева и дека ќе треба да простат и родителите, пријателите и другарите кои што ги напуштиле кога се оддале на служба на народот, на верниците и на МПЦ.
-Ќе простат, – велат тие, – и сите оние кои скептично гледаат на монаштвото, зашто МПЦ не може без монаштво, а и македонскиот народ го заслужува тоа. Нели од памтивек монахот бил дел од нашата култура, коренот на заедничкото опстојување.

Очигледно дека возобновувањето на монаштвото е тешко колку и самиот монашки живот. Тоа сите го знаат, а најповеќе монасите. И затоа подеднакво уверуваат, дека како што е тежок секој почеток, така тежок е и овој за монасите и монахињите во Македонија. Но, еден ден кога нивниот број ќе се зголеми и ќе почнат да се грижат за опстојувањето на сите манастири во МПЦ, тогаш секој добронамерник ќе разбере за благородноста на монаштвото.

Автор: Зоран МОМИРОСКИ