Соопштение по повод манастирската слава за Рождеството на Свети Јован Претеча – Иванден

Возљубени верници и почитувачи на Бигорската свештена обител на Чесниот Претеча,

Ве известуваме дека на денот кога го славиме чесниот празник на Раѓањето на нашиот патрон и небесен застапник, светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован:

___

Во понеделник, на 6 јули, во Бигорскиот манастир ќе се отслужи сеноќно бдение, коешто ќе започне во 20:00 часот, а на кое молитвено ќе претстои Неговото преосвештенство епископот Ексамилиски г. Епифаниј, викар на Неговата Сесветост Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј. Молитвено учество на бдението ќе земат монаси и свештенослужители од Света Гора, Грција и Романија, како и византиски хор од Романија, а ќе присуствува и граѓанскиот управител на Светата Гора Атонска.

Во вторник наутро, на 7 јули, во 08:30 часот свечен пречек на Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, и почеток на светата архиерејска Литургија.

___

Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и култура, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ги јакне верата и здравите вредности меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на своето Рождество е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и чесните мошти што се пазат во неговиот храм ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!

Со благослов на Старецот на обителта, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј