„Достојно е“ одекна и од светата Бигорска гора

Празникот на чудотворната икона на Пресвета Богородица „Достојно ест“ во Бигорската свештена обител

Празнуван со голема чест и во сладосни химни од целата Света Гора Атонска, празникот на пресветата и чудотворна икона на Богомајката „Достојно ест“ и оваа година со особена духовна радост се прослави и во нашата света Бигорска обител, која е ќерка и духовно наследство токму на Богородичната милост пројавена од Атос. Зашто, иако посветен на светиот Претеча и Крстител Господов Јован, нашиот манастир од искони е духовно нераскинливо сврзан со земскиот удел на Пречистата – со таинствената градина на Богородица, со Светата Гора Атонска.

Преданието за иконата „Достојно ест“ нѐ враќа во крајот на десеттиот век, во една смирена монашка ќелија близу Кареја, средиштето на светогорскиот полуостров. Една сабота навечер, стариот подвижник заминал на сеноќното бдение во соборниот храм на Протатонот, оставајќи го својот млад послушник сам да ја исполни службата во ќелијата. И кога дошло времето да се воспее деветтата песна на канонот, пред светата икона на Богородица Милостива застанал непознат инок и, наместо да започне со вообичаеното „Почесна од Херувимите…“, најнапред, со неискажлива сладост, го запеал дотогаш нечуениот воспев: „Достојно е навистина да Те блажуваме, Богородице,…“ Зачуден од небесната убавина на песната, послушникот го замолил гостинот да му ги запише зборовите; но во сиромашната ќелија немало ни хартија, ни мастило. Тогаш непознатиот страник со прст ги врежал зборовите врз една камена плоча, којашто под неговата рака омекнала како восок. А откако се претставил со името Гавриил, станал невидлив, оставајќи ја и ќелијата, и целата Света Гора, засекогаш облеани со таа ангелска песна. Оттогаш светата икона, пред којашто првпат прозвучило небесното славословие, е пренесена во соборниот храм Протат во Кареја, каде што и до денес престолствува како Игуменија и Покровителка на сите атонски обители — најголемата и најсвета светиња на целата Света Гора.

Сврзана со ова пресвето наследство, и нашата свештена обител со достоинство и со синовска топлина го прослави празникот на нашата најмоќна и секогаш победоносна небесна Покровителка. Во чест на пресветиот образ се отслужи свечено сеноќно бдение, на коешто претстоеше нашиот возљубен старец и игумен, Антанискиот епископ г. Партениј, којшто уште од детинството свое е таинствено и синовски поврзан со овој умилен лик на Царицата Мајка. Под мајчинскиот благодатен покров во Претечевиот храм, во текот на целата ноќ, сѐ до утрото, одекнуваа прекрасните химни за Царицата на ангелите, а на молитва се собра целата наша монашка заедница, заедно со многубројниот верен народ, дојден да се напои од изворите на Богородичната благодат.

Таа умилителна атмосфера, преисполнета со синовска љубов на чедата кон Мајката своја, беше крунисана со Божествената света Евхаристија, на којашто чиноначалствуваше Старецот, во сослужение со браќата свештенослужители. Во светата Чаша, во којашто Небото слегува на земјата, верниот народ го вкуси живот залог на онаа иста благодат која некогаш ја израдува смирената атонска ќелија.

Посебен украс на торжеството ѝ даде вдахновеното и синовско слово на Старецот, владиката г. Партениј, посветено на мајчинските љубов и сомилост на Пресветата. Со збор изворен и сесрден, тој ги поведе верните чеда од таинството на ангелската песна кон таинството на сопственото срце – кон она „достојно“ со коешто секоја душа е повикана да ја слави и да ѝ благодари на својата небесна Мајка.

Торжеството заврши со празнична молитвена литија, при којашто чудотворната икона на Пресвета Богородица „Достојно ест“ беше носена во свечена поворка околу манастирскиот двор, додека срцата на верните, како некогаш онаа камена плоча, омекнуваа под допирот на Богородичната благост, за да ги примат врз себе вдлабени зборовите на вечната песна.

И како што таа ангелска химна, еднаш изречена во скромната светогорска ќелија, оттогаш не престанува да се воздига од сите краеви на православниот свет, така и оваа година, од светата Бигорска гора, многубројни усти и срца ѝ воспеаја на Пречистата:

Достојно е навистина да Те блажуваме, Богородице, секогаш блажена и пренепорочна, и Мајка на нашиот Бог. Почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите, Која нетлено Го роди Бога Словото, сушта Богородице, Те величаме.