Првиот овогодишен летен камп по вероучение во скитот на светите Кирил и Методиј во с. Битуше

Со благослов на неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во прекрасниот и живописен планински амбиент на Бигорскиот скит посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, деновиве се одржа првиот летен камп по Вероучение.

Во изминатиот период, наши гости беа триесетина дечиња од сите краишта на земјата, кои имаа несекојдневна можност поодблизу да се запознаат со живата православна вера, да стекнат нови пријателства и да поминат незаборавни денови во игра и заедничарење во Христа. Насмевките и детскиот непосреден дух го исполнија дворот на скитот со посебна радост.

За беспрекорно одвивање на сите предвидени активности, со голема љубов и пожртвуваност се погрижи тим составен од бројни стручни лица: теолози, културни работници, професори, доктори и волонтери. Несебично вложувајќи ги својот труд, знаење и време, тие реализираа многубројни креативни работилници, поучни предавања за основите на православната вера и животот во Христа, како и рекреативни содржини прилагодени на возраста на децата.

Особено искуство и неизмерен благослов за младите беше можноста својата театарска претстава, посветена на светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј, да ја одиграат пред возљубениот ни Старец, владиката г. Партениј. Претставата, изведена со детска искреност и вдахновение, беше работена во режија на познатиот македонски театарски, филмски и телевизиски глумец и режисер г. Владо Дојчиновски, кој со посветеност и љубов несебично го пренесе своето богато уметничко искуство на најмладите. Овој благословен миг засекогаш ќе остане врежан во нивните срца како драгоцен спомен од летниов престој во Скитот. Овој камп е првиот од шесте предвидени за ова 2026 лето Господово. Искрено веруваме и се надеваме дека овие летни авантури ќе остават длабоки траги во срцата на најмладите, поставувајќи цврст темел за нивниот правилен духовен, културен и емоционален развој.