Во периодот од 22 до 26 јуни, Скопје беше домаќин на Четвртата светска конференција за религиски дијалог и соработка, која оваа година беше посветена на исклучително актуелната и комплексна тема: „Религијата како оружје на војната: во минатото, сегашноста и иднината“.
Свеченото отворање на конференцијата се одржа на 22 јуни во Музејот на македонската борба во Скопје, каде што свои обраќања имаа Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г. г. Стефан, како и поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаи. Работниот дел на овој голем научен собир се одвиваше во комплексот „Македонско село“.
Оваа меѓународна конференција беше организирана од Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје, во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а под покровителство на Министерството за култура и туризам. Зад организацијата на овој исклучително важен настан стоеја истакнати професори од Филозофскиот факултет, пред сè, проф. д-р Зоран Матевски и проф. д-р Ратко Дуев.
Годинава конференцијата собра 79 еминентни професори, научници, истражувачи и дипломати од повеќе континенти. Меѓу нив се издвојуваа неколку значајни имиња и светски авторитети: проф. Масимо Интровиње од Италија, основач и директор на Центарот за проучување на нови религии (CESNUR) и еден од најпознатите светски експерти за новите религиски движења; проф. Пабло Аргарате од Австрија, раководител на УНЕСКО-катедрата за интеркултурен и меѓурелигиски дијалог за Југоисточна Европа; проф. Џејмс Кеј од САД, поранешен декан и потпретседател на познатиот Princeton Theological Seminary; проф. Балаш М. Мезеи од Унгарија, еден од најистакнатите современи филозофи на религијата; како и проф. Марк К. Ли од САД, декан и претседател на Bexley Seabury Seminary, кој беше и главен предавач (keynote speaker).
Покрај нив, на овој собир учествуваа и бројни истражувачи од САД, Канада, Израел, Иран, Тајван, Аргентина, Холандија, Германија, Франција, Шпанија и од други држави во Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка.
Со благослов на својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, на оваа значајна меѓународна академска платформа, во рамките на официјалната пленарна сесија, со свој научен труд учествуваше и монахињата Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.
Трудот на сестра Ефимија, насловен „From Individual Freedom to State Weapon: International Legal Standards and the Instrumentalisation of the Christian Ethos in Armed Conflicts“ („Од индивидуална слобода до државно оружје: меѓународни правни стандарди и инструментализација на христијанскиот етос во вооружените конфликти“), предизвика голем интерес кај стручната и академската јавност.
Во своето излагање, сестра Ефимија се осврна на еден од најголемите парадокси на денешницата: како христијанскиот етос, кој во својот онтолошки корен е втемелен во мирот и љубовта, во услови на акутни безбедносни кризи се инструментализира и се користи како средство за остварување воено-политички цели, со што се загрозуваат основните човекови права и верски слободи. Клучниот фокус на нејзиниот труд беше ставен врз строгиот тристепен тест што го применува Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), како и врз меѓународноправните механизми што треба да го спречат ваквиот загрижувачки тренд.
Во рамките на работните сесии, со свој труд учествуваше и ставрофорниот протопрезвитер Бобан Митевски. Неговиот труд беше насловен „Security Planning and Risk Assessment in Religious Communities in the Republic of North Macedonia: A Review of the MOC-OA“ („Безбедносно планирање и процена на ризиците кај верските заедници во Република Северна Македонија: осврт на МПЦ-ОА“).
Учеството на монахињата Ефимија од Рајчица на овој важен меѓународен научен форум е уште еден доказ за живата мисија на нашите манастири, кои активно придонесуваат кон современите интелектуални и теолошки дебати за зачувување на човековото достоинство и на вистинските христијански вредности.
















