Епископот Антаниски, г. Партениј меѓу галичани

Во стариот храм посветен на света Параскева во Галичник, кој некогаш беше оставен на забот на времето, а сега е обновен и преосветен, во присуство на поранешни жители и нивните потомци, епископот Антаниски, г. Партениј. ја отслужи првата Света архиерејска литургија.

Дебар,9 август 2020 (МИА) – Во стариот храм посветен на света Параскева во Галичник, кој некогаш беше оставен на забот на времето, а сега е обновен и преосветен, во присуство на поранешни жители и нивните потомци, епископот Антаниски, г. Партениј. ја отслужи првата Света архиерејска литургија.

По литургијата, владиката г. Партениј одржа беседа.

-Мили мои, ние, кои сега сме собрани во овој преславен храм на нашите предци, изграден за време на Отоманската Империја кога било речиси невозможно да се градат христијански храмови, да ја подражаваме во верата и делата денешната славеничка Параскева, која претпочитала да биде со Христа повеќе од сѐ друго. Оставила, значи, сѐ земно, прилепувајќи се за Христос и за спасението во Него и со тоа спасила и многу други луѓе околу себе. Всушност, тоа е должноста на сите нас. Особено денес, кога гледаме како околу нас се расклатени сите морални вредности, за кои слободно можеме да кажеме дека се придобивка на христијанската вера. Дури и доколку денешниот т.н. постхристијански свет зборува за некои морални начела, тие се оставина од христијанската цивилизација. Зашто, без Христа не можеме да зборуваме за некакви вистински духовни вредности, рече во својата беседа отец Партениј.

Тој потсети и дека на јужната страна од храмот било отворено едно од првите училишта во мијачкиот крај, поддржано од монасите на Бигорскиот манастир, особено од игуменот Арсениј.

– Тука прв пат почнало да се изучува словото Божјо на мајчин јазик во овој крај. Затоа овој храм е толку значаен и величествен, не по својот изглед, кој морал да биде вака скромен, ами по духот и делото што го оставил во завештание. И мора и понатаму да остане величествен во нашите срца и никогаш да не го забораваме заветот и подвигот на нашите предци, кои граделе цркви и училишта, најнапред во своите срца, а потоа и од камен. Со голготски маки се труделе да отворат училишта, за да ги научат своите деца на христијанските возвишени вредности, кои се чувар, пред сѐ, на семејството, а потоа и на целото општество, рече отец Партениј.

Тој се потсети и на мигот кога првпат стапнал во ова село.

-Се сеќавам, кога прв пат дојдов во ова село, го посетив и ова свето место и ја видов оваа црква разрушена. Немаше ниту кров. Потоа Христијаните одовде презедоа иницијатива за нејзина обнова, собраа средства од благочестиви дарители, особено од г. Ралев од Гевгелија и од г. Трифун Костовски од Скопје и го возобновија храмот како што го гледаме сега. Набрзо по обновата го преосветивме, заедно со надлежниот архијереј на Дебарско-кичевската епархија, многу почитуваниот Митрополит г. Тимотеј. Денес ја служиме првата архиерејска литургија по неговото преосветување и ми претставува посебна чест што ме поканивте да служам, се заблагодари и ги благослови галичани.

Во селото Гари во храмот на Пресвета Богородица беше отслужена Божествена литургија, на која учествуваа братството и сестринството од бигорската и раичката обител.