Горд сум што ќе станам татко

 

СЕМЕЈНО ДИМИТАР АНДОНОВСКИ

Во првиот момент кога ја дознав веста бев збунет, но и пресреќен. Тоа беа измешани емоции. Меѓутоа, не ми требаше долго за да ја споделам веста со најблиските, открива пејачот

Првпат по долго време, ова лето го поминува без големи професионални обврски. Се посветил на сопругата, најблиските и пријателите во неговата родна Битола. Не ја пропушта можноста и да го посети манастирот „Свети Јован Бигорски“ каде што го наоѓа својот духовен мир.

на професионален план Димитар Андоновски (30) изминатиов период се посвети на театарската музика. Најавува поголема активност и на поп-сцената. Го подготвува материјалот за новиот албум, кој наскоро ќе го претстави пред публиката.

Како ти поминува летово, работно или повеќе се посвети на приватноста?
– Прв пат по долго време ова лето го поминувам без големи професионални обврски. Едноставно, сум со моите најблиски, затоа што годинава изработив доста проекти, особено во театар, правејќи музика за претстави. Сметав дека ми е потребна мала пауза за да соберам енергија и нови идеи за претстојниот период. Во пејачката кариера оваа година и не бев баш активен, па затоа летниов период го искористив за работа и снимање нов материјал, кој ќе биде промовиран наскоро.

 

Темпераментен и бунтовен тинејџер

Бракот ги менува навиките на сопружниците. Прифаќаш ли компромиси?
– Компромисот е наизбежен за успешен брак и мора да постои. Во принцип сум човек што брзо прифаќа промени, па знам и да ги приспособувам навиките. Некои си ги задржав. А, некои мораше да ги сменам на подобро.

Вистинската промена се случува кога ќе станеме родители. Како реагираше кога дозна дека ќе станеш татко?
Чувството е неописливо. Во првиот момент бев збунет, но и пресреќен. Тоа беа измешани емоции. Меѓутоа не ми требаше долго да ја прифатам веста и со гордост да им кажам на најблиските дека ќе станам татко.
Во кој дел од градот ти помина детството.

Кои спомени би ги издвоил?
– Како деца постојано се движевме. Покрај тоа што игравме во нашето маало, често шетавме и подалеку. Некогаш со велосипеди знаевме да забегаме и многу километри надвор од градот. Но, најголемите дружби беа на улицата од нашето маало, која е сведок на безбројните детски игри, првите симпатии, првата љубов, кавгите со постарите комшии поради вревата што ја правевме.

Каков беше како тинејџер, бунтовник со или без причина?
– Бев голем бунтовник. Некогаш имаше вистински причини за да се бунтувам, но понекогаш знаев да го сторам тоа и без причина. Бев темпераментен тинејџер. Сѐ уште тој темперамент остана во мене.

 

Ми недостасува животот во Скопје

Скопје е центарот на музичките настани, но ти покажа дека може да се биде успешен ако кариерата се гради и надвор и метрополата. Никогаш не посака да ја напуштиш родната Битола?
– Мора да признам дека е тешко да се функционира надвор од Скопје. Овој град премногу ми недостасува, затоа што поголемиот дел од годините го поминав баш таму и функционирав многу полесно кога станува збор за кариерата. Не се исклучува можноста дека повторно ќе се вратам во Скопје, со моето семејство. Битола е градот во кој сум роден и израснал и секогаш го носам во душата каде и да сум.

 

Голема љубов кон Бога и византиската песна

Ти тргна по патот на музиката, а сестра ти стана актерка. Од кого го наследивте уметничкиот ген?
– Сите во мојата фамилија имаат уметничка жичка. Мајка ми е наклонета кон ликовната уметност, исто и мојот покоен татко. Дедо ми беше многу музикален и ја сакаше музиката. Сите ја сакаат уметност во мојата фамилија, па мислам дека и затоа гените си го имаат направено своето.

Сними византиски православни песни со хорот од манастирот „Свети Јован Бигорски“. Кога се роди љубовта кон оваа музика и кон овој свет храм?
– Роден сум во семејство што го почитува и слави Бога, но бескрајно сум му благодарен на мојот духовен татко Партениј, кој го дооформи мојот христијански дух. Првиот момент кога го посетив Бигорскиот манастир, источното пеење на монасите, Богослужбите и благодатта што ја почуствував ја засилија љубовта во мене, пред сѐ кон Бога, но и кон византиската православна музика.

Личност свртена кон Бога треба да има одредени морални вредности. Како ти успева да ги сочуваш во ова време, кога сме сведоци на многу сплетки и сопки на музичката сцена?
– На секого кого го сака и се плаши од Бога, моралните вредности му се на прво место во животот. Се трудам да бидам добар човек во ова време – невреме. Секогаш си го гледам својот пат и никогаш не сум правел сопки и сплетки со цел да му наштетам некому. Секој си одговара за своите постапки, за што и ќе му биде судено.