
Во манастирот „Свети Јован Бигорски“ се роди уште еден завештеник на монашкиот позив. Тоа е Валериј Пројкоски, кој на чинот мала схима, на сеноќното бдение, по повод прославата на празникот „Свето Богојавление“, во манастирот „Свети Јован Бигорски“, на 17 јануари 1998 година, го доби името на Христовиот апостол Вартоломеј.
Монашењето го изврши надлежниот епархиски архиереј на Дебарско – кичевската епархија, г. Тимотеј, а во сослужување на братството при манастирската света обител: игуменот Партениј и јеромонасите Доситеј и Макариј, како и протојерејот Љупчо Двојаковски. На светата архиерејска литургија, рано наутро, на празникот Водопост, на 18 јануари, пред Свето Богојавление, митрополитот г. Тимотеј, монахот Вартоломеј го произведе во јероѓаконски чин. Неговиот тивок, умилен глас, со кој до сега го пееше византискиот – македонски напев на црковни песни, научен од својот духовен татко игуменот Партениј, како јероѓакон, ќе ги збогатува долгите и редовни манастирски богослужби.
Преподобниот монах Вартоломеј е роден во Битола, од благочестивите родители Боше и Илинка, на 3 октомври 1974 година. Основното училиште и средното машинско при ЕМУЦ – Битола ги завршил со одличен успех, во родното место, каде исто така, е апсолвент на Вишата машинска школа. Така, како некаков куриозитет, покрај двајцата електроинженери, јеромонасите Доситеј и Макариј, и Вартоломеј го замени електроинженерскиот позив со прагматичноста на духот, во служба на Бога, преку смирението, постот, молитвата и созерцанието.
Сe до замонашувањето, јероѓаконот Вартоломеј, беше долгогодишен ревнител и жител во Бигорскиот манастир. Телесно млад, но духовно зрел и опитен во аскетскиот подвиг, тој го остави младешкото „житејское пристрастие“, и покорно се причесли кон младото богоподобно братство на игуменот Партениј. Така, оваа монашка заедница, со овој нов изданок на монашкиот ред, постанува бигорна карпа на која се крепи возобновителен од на македонското монаштво, а со тоа и пострекот кон вистинските Боготрагачи на сопственото спасение и спасението на верните за кои тие непрестајно се молат.