Неповторлив бисер на македонското црковно градежништво

(НЕ)ПОЗНАТА МАКЕДОНИЈА: МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ“

Основач на манастирот е монахот Јован којшто ја изградил и првата црква во 1020 или 1021 година. Иконостасот изработен од ореово дрво претставува вистинско ремек дело на познатите мијачки зографи Петре Филиповски – Гарката и Макариј Фрчковски
Манастирски комплекс „Св. Јован Бигорски“

Во овие есенски денови, патувањето по западниот дел на нашата земја е прекрасно доживување. Особено по долината на реката Радика, чии води бистри како солза, „се провираат“ низ карпите и засеците, а над реката надвиснале планините Бистра, Кораб, Дешат со спектарот на бои од темнозелена на високите борови, до жар црвена на одделни планински дрвја, а секако најзастапена е жолтата, на старо злато, на лисјата од шумата. Го изминуваме дваесеттиот километар од Маврови Анови, таму каде што Радика го смирува својот тек, каде што се наоѓаат манастирските ливади и поранешните рибници, кои се затрупани со песок и друг материјал. Од регионалниот пат се одделува асфалтна патека која води до манастирскиот комплекс „Св. Јован Бигорски“. Со малку внимание со возилото ја искачивме угорнината и стигнавме пред манастирот, кој е изграден во бигорлива карпа. Манастирските порти се ширум отворени. На самиот влез од десната страна блика водата од дулките на чешмите, студена и мошне вкусна планинска вода, која постојано тече со ист интензитет преку цела година. Го продолжуваме движењето по калдрмата и тропотот на чевлите ја нарушува тишината во овој сончев октомвриски ден. Пред манастирската црква го пресретнавме архимандритот Партениј, игумен на манастирот.

-Ги вршиме последните подготовки пред големиот ден на манастирот – денот на преосветувањето на „Св. Јован Бигорски“. Ќе дојде многу народ од Река, Дебарско, Мијачијата, Охрид, Кичево… од цела Македонија, тоа ќе биде празник на овој древен манастир.

Во историските документи и во запишаните сеќавања на монасите од минатиот век, основач на овој манастир е монахот Јован, кој ја имал втемелено првата црква во 1020 или 1021 година. Тоа убедување е искажано во манастирските паметници, врз старата икона на св. Јован Претеча и врз графиката со неговиот лик. Иако овој манастир датира многу одамна, сепак, вистинскиот живот во него започнува во 18 век, поточно во 1743 година, кога целосно е обновен и кога се изградени и првите манастирски ќелии.

Манастирот „Св. Јован Бигорски“ особено е познат и привлечен по иконостасот, што е изработен меѓу 1830 – 1840 година од познатите мијачки зографи Петре Филиповски – Гарката и Макариј Фрчковски, кои и самите се овековечени на почетокот на иконостасот.

Иконостасот претставува вистинско ремек дело на познатата резбарска галичко – гарска тајфа при што на ореово дрво е претставен животинскиот и растителниот свет, онака како што можела да го долови генијалната имагинација на мајсторот копаничар. Живописот во црквата е илустрирана Библија. Секој може да го чита, разбира и да ужива во возвишеното естетско чувство. Тука вниманието на посетителите посебно го привлекува иконата на св. Јован, која се поврзува со 1021 година, посветена на ктиторот на овој манастир.

Според манастирскиот паметник, манастирот „Св. Јован Бигорски“, својот процут и моќ го имал во изминатите два века, кога биле изградени големите манастирски конаци, владичките одаи, трпезаријата за 200 гости, манастирската фурна, трите рибници во манастирските ливади покрај Радика и друго. Се знае и тоа дека во првите децении на 18 век, манастирот имал свои стада, овци, кози, говеда и коњи, како и голем земјишен посед речиси во сите долнорекански села, во Дебар, дури и во Елбасан (Албанија) каде што имал голем имот од маслинови дрвја. Во тоа време, за посетителите се делела бесплатна храна, се прифаќале и згрижувале бездомници, со што манастирот играл голема улога и од социјален аспект.

Денес преосветување на „Св. Јован Бигорски“ Утрово во осум часот се очекува да започне чинот на преосветување на манастирската црква „Св. Јован Крстител“ и на целиот манастирски комплекс. Преосветувањето ќе го извршат митрополитите на МПЦ, при што ќе чиноначалствува надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија г. Тимотеј.

Инаку, во овој манастир од 1945 година, веднаш по ослободувањето, од страна на државата беше забранета секаква црковна служба и беше прогласен за спомен – музеј. Но, со настапувањето на демократските процеси во Македонија во 1990 година, манастирот „Св. Јован Бигорски“ повторно ‡ беше вратен на управата на МПЦ. Во изминативе осум години на целиот манастирски комплекс беа извршени крупни зафати на реконструкција на црквата – заштита на иконостасот, иконите, покривот, обновување на малата и големата трпезарија, манастирската кујна, на одаите, а воедно беше воведено и монашко братство. Постепено се враќа сјајот и функцијата на манастирот, која му била одземена пред повеќе од половина век. (К. К.)

Манастирот располагал и со многу богата и вредна ризница на икони, стари и по неколку векови, но тие повеќе не се во манастирскиот комплекс, растурени се на разни места во светот, како и голем број на вредни книги, тефтери и други записи.

Благодарениe на извршените конзерваторско – реставраторски работи што ги изврши Заводот за заштита на спомениците на Македонија, овој убав и значаен манастир е спасен од пропаѓање. Пред четири години обновено е монашкото братство, при што секој ден се вршат богослужби во манастирската црква.

Овој древен и познат манастир редовно е посетуван од туристи од целиот свет. Тука има што да се види. Тука е нашето големо културно и црковно богатство, ни зборува отец Партениј. – Секој што го посетил манастирскиот комплекс, а посебно иконостасот од резба, не може да остане рамнодушен, се чуди и прашува дали сето ова може да се изработи од дрво, на еден потег, без сечење и лепење и во време кога се немало алат? Секој се прашува и воедно се восхитува од големата мајсторија на македонските резбари.

Патот кон манастирот „Св. Јован Бигорски“, за Македонецот е пат кон духовно издигнување и усовршување, а престојот во него му дава утеха, надеж и сили за опстанок во суровите околности на животот. Манастирот бил важен книжевен и културен центар, каде што го добиле и ширеле образованието највидните наши преродбеници и просветители во минатото – Јоаким Крчовски, Партениј Зографски и други. Духовната просвета се извршувала преку богослужби и молитви, кои повторно, по половина век забрана, веќе четири години се вратени во манастирската црква.

Повторно манастирот почна да живее, што е добро за народот од овој регион и од целата држава, ќе констатира игуменот Партениј. Верниците доаѓаат и можат да доаѓаат кога сакаат, секојдневно има Литургија, можат да се поучат од поучителните зборови на монасите и од делата што ги оставиле претходните свештени лица на манастирот, пред с# на игуменот Арсениј, кој потекнува од Галичник, и кој во 19 век го изградил овој огромен комплекс со црквата и договорил мајсторите од Галичник и Гари да го изработат ремек делото на манастирот – неповторливиот иконостас.

Во манастирот „Св. Јован Бигорски“, како што истакнува отец Партениј, создадени се услови за живеење со спонзорството на многу верници од земјата и странство, а сега планот на братството и на старешината на манастирот е да се обнови економијата, која им е повеќе од потребна за зачувување, одржување и развивање на црковно-културните вредности на македонскиот народ.