Вечен чувар на македонското православие

Црковна свеченост по повод преосветувањето на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител

Лулка на македонската култура: Св. Јован Крстител

Со голема црковна свеченост денес беше извршено преосветување на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, кој се наоѓа во непосредна близина на селата Ростуше, Битуше, Велебрдо и Требиште. Овој свет чин, како што стои во повелбата што беше поставена во светиот престол, е направен откако државата во 1991 година, го врати манастирот на Македонската православна црква, а поради обесветување во изминатиот период од профаното управување на нецрковните раководители. Тоа се наметна како потреба по заживувањето на манастирскиот монашки живот во ова древно светилиште. На свеченоста беше истакнато, дека преосветувањето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, е дел од програмата на МПЦ, во чест на 40 – годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија.

Свеченостите на кои чиноначалствуваше митрополитот на Дебарско – кичевската епархија господин Тимотеј заедно со митрополитите, брегалничкиот господин Стефан и струмичкиот

господин Наум, како и на епископите Величкиот господин Агатангел и Дремвицкиот господин Јован, почнаа со света архиерејска Литургија. Во овој чин учествуваа и повеќе свештенослужители и хоровите на црквата „Свети Никола“ од Штип и на црквата „Света Петка“ од Скопје. Пред големиот број на верници од Охрид, Струга, Битола, Кичево, Штип, Скопје, Тетово, Гостивар и од други градови од државата, митрополитите Стефан и Тимотеј зборуваа за богатата историја на овој манастир. Бигорскиот манастир е лулка на културата, просветата и уметноста и чувар на националниот македонски бит, како и духовен центар на западниот дел на Македонија, рече господин Тимотеј.

Ова Бигорско светилиште, споменик на верата и убавината, е подигнат од нашиот народ во чест на св. Јован Крстител, истакна господин Стефан. На крајот беше отслужена панихида за ктиторите и за богослужителите во манастирот „Свети Јован Бигорски“.