Незгаслив светилник на македонскиот дух и Православие

(Илустрирано списание на матицата на иселениците од Македонија)

Преосветен Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“

Детал од надалеку прочуениот иконостас во Бигорскиот манастир
Митрополитот г. Стефан, со тропање на црковната врата бара од Бога да ја отвори и да влезе народот

Убав, сончев октомриски ден – 17 октомври, лето Господово 1998 година. Мавровскиот регион уште во раните утрински часови пленува на прв поглед. Езерската шир ги одбива сончевите зраци и создава невиден спектар од бои во кои се надополнува околината од букова и дабова шума. Патот го продолжуваме по долината на реката Радика, а таму есенските пејсажи се распослале со сета своја убавина. Планините Бистра, Дешат и Кораб со своите врвови надвиснале над Радика, а водата чиста како солза, создава посебен колорит и го надополнува впечатокот што го понесовме од Мавровското езеро. На магистралниот пат Маврови Анови – Дебар (на дваесеттиот километар од левата страна) се одвојува асфалтна патека која води до Бигорскиот манастир. На патот веќе беа паркирани шест автобуси, а на угорнината река од луѓе и автомобили се движат во правец кон Манастирот.

Манастирските камбани го означија доаѓањето на архиереите на Македонската православна црква, а насобраниот народ со поклонение ги отпоздравува. Сите се радосни и среќни што се присутни на овој голем црковен народен собир посветен на преосветувањето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“.

На чинот на преосветувањето присуствуваа голем број на верници од Македонија и наши иселеници

Во повелбата што беше поставена во Светиот престол, меѓу другото е запишано: „Овој свет чин е извршен откако манастирот е вратен на Македонската православна црква од страна на државата во 1991 година, поради неговото обесветување во минатиот период“.

Преосветувањето се наметна како потреба по заживувањето на манастирскиот монашки живот во ова древно светилиште, а се реализира во рамките на програмата на Македонската православна црква посветена на 40 – годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија.

Тој ден манастирот беше исполнет со верници од речиси сите краишта на Македонија, во амбиент што прилега за вакво чествување. Свеченостите на кои чиноначалствуваше митрополитот на Дебарско – кичевската епархија, г. Тимотеј, заедно со митрополитите Брегалнички г. Стефан, и Струмички г. Наум, како и епископите Велички г. Агатангел и Дремвницки г. Јован, започнаа со света архиерејска Литургија.

Проповед на преосветувањето на Бигорскиот манастир имаше митрополитот Брегалнички г. Стефан, кој рече дека под водството на духовниците,

Печатот на Светиот престол го стави митрополит Г. Тимотеј

игумените Митрофан, Арсениј, Михаил и други, кои биле ктитори на овој прекрасен манастирски комплекс, на старите темели кои датираат од првите години на 11 – от век, го изградиле овој веќе надалеку познат Бигорски манастир. И навистина, овде е збрана сета мајсторска убавина на вредните тајфи од Гари, Тресонче, Лазарополе, Галичник, Битуше, Дебар и други места, кои надалеку го прославиле овој крај.

Митрополитот г. Стефан, понатаму рече дека секогаш кога доаѓа во овој манастир, го обзема ретко чувство исполнето со духовна радост и восхит, духовност што од секогаш зрачела од овој наш неизгаслив светилник, од која со векови се хранеле нашите претци; така е и денес. Тука, ќе подвлече г. Стефан, како никаде на друго место се надградиле Божјото и човечкото и ќе се запрашате што е подобро: она што Бог Творецот му го подарил на ова место, или она што човекот мајстор го подигнал на овој простор. И секогаш си го поставувате истото прашање – што е најубавото и највредното: дали црквата со оваа велелепна купола, дали неповторливиот иконостас, дали иконите и живописот, дали конакот, чардаците, трпезариите, дали чешмата и водите непресушни…

Архиереите, свештениците и верниците во опход околу манастирот

И навистина е така. Нема посетител кој престојувал во овој манастирски комплекс, а да не го почувствувал истото, обземен од убавината на која ретко кој може даѝодолее, уште од памтивек па сe до денес.

По преосветувањето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, беше отслужена панихида за ктиторите и за сите упокоени служители на овој манастир.

За гостите и учесниците во архиерејската Литургија – архиереите, свештенослужителите, хорот на црквата „Свети Никола“ од Штип и хорот на црквата „Света Петка“ од Скопје, монашкото братство приреди свечен ручек. На манастирската трпеза на која беа над 300 луѓе, присутните ги поздрави митрополитот г. Тимотеј и во оваа прилика истакна: „Секое време има свое бреме, свои тешкотии. Затоа и во овој час, духовните раководители на МПЦ, задолжени се да положат тешки испити пред Бога, Неговата Света црква и македонската историја. Понатамошниот развој и опстојување на Бигорскиот манастир, како што подвлече г. Тимотеј, ќе зависи од Божјата благодат, од народот и свештениците, бидејќи овој манастир има голема и значајна историја не само за Македонската православна црква, туку и за нашиот народ. Тој е лулка на култура, просвета, уметност, чувар на националниот македонски бит и духовен центар во Западна Македонија“.

Неколкуте стотина присутни си заминаа задоволни кон своите домови, со чувство дека треба почесто да доаѓаме во ова македонско светилиште, каде што може да се ужива во бисерите на македонското црковно градежништво, на архитектурата, живописот и резбата.

Текст и фотографии: Киро Кипроски