Мал чекор до приближувањето на ставовите

(Илустрирано списание на матицата на иселениците од Македонија)

Во манастирот „Св. Јован Бигорски“ се одржаа разговорите меѓу МПЦ и СПЦ

Разговорите во „Св. Јован Бигорски“ се водеа во отворена, искрена и во вистинска смисла на зборот, братска атмосфера

Со светогорски свечен пречек од страна на монаштвото од манастирот „Св. Јован Бигорски“, кај Дебар, вечерта на 22 јануари годинава, беа пречекани комисиите на Светите Архиерејски Синоди на Македонската и Српската православна црква, кои учествуваа во разговорите посветени на официјалното признавање на самостојноста и независноста на Црквата на македонскиот народ во заедницата на светското Православие.

Македонската црковна комисија на овие разговори ја предводеше митрополитот Австралиско – новозеландски и администратор Преспанско –пелагониски г. Петар, а членови беа: митрополитот Дебарско – кичевски и администратор Повардарски г. Тимотеј, митрополитот Брегалнички г. Стефан и епископот Дремвицки г. Јован. Предводник на српската црковна комисија беше митрополитот Црногорско – приморски г. Амфилохиј и членовите: епископот Шумадиски г. Сава, епископот Нишки г. Иринеј, епископот Бачки г. Иринеј и епископот Врањски г. Пахомиј.

Членовите на двете црковни делегации: Дали е на повидок нова разврска на недоразбирањата меѓу МПЦ и СПЦ?

Во манастирската црква Свети Јован Крстител – Претеча, по одржаниот молебен за архиереите, гостите во името на домаќинот, на поглаварот на МПЦ, ги поздрави г. Петар, кој во оваа прилика истакна: „Нашите два братски православни народи и нашите две Цркви, на некој начин чувствуваат како жива рана на телото, за што одговорноста паѓа на сите, но најмногу на оние кои ја водат Црквата. Затоа, браќа архиереи, ние сме должни да ја посведочиме љубовта Христова, зашто и Самиот Спасител Господ Исус Христос се обратил до Своите свети ученици – Апостоли со зборовите: „По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе, и токму ние сега сме повикани на таа љубов, да посведочиме пред двата наши православни народи, пред нашите Цркви,                   

па и пред целиот свет, дека сме мудри, дека сме богољубиви архиереи, и дека во интерес на љубовта Христова, во интерес на Евангелието, на Светото Писмо и Предание, можеме да изнајдеме начин и патишта за заедно да ги пребродиме недоразбирањата“.

Предводникот на српската црковна делегација, г. Амфилохиј, возврати на топлите зборови на домаќинот.

-Дојдовме со љубов, да принесеме молитва кон светите отци кои со векови се издигнувале во ова светилиште во служба на Господ. Со себе го носиме благословот од нашиот свет патријарх Павле. Доаѓаме со љубов, со искрено и со чисто срце, со длабока желба, преку нас да се пројави единството на Црквата Христова, на која ? служиме и која нe повика сите нас што сме во архиерејски чин, да ги повикаме сите луѓе и сите народи, кон единство на верата и Светиот Дух, кон единство на вистината Христова. Токму тоа единство на верата и на Духот Божји, и тоа единство на служењето на вистината, е основен закон за сите нас и токму Свети Јован Крстител и Претеча, кому е посветена оваа древна светиња и нас да нe научи да бидеме носители на оној дух што тој го проповедал, а тоа е изворниот, исконски дух, дух на покајание и преумување. На сите ни треба, во сите времиња, над сe, покајание пред Господ. Он да проговори преку нас и Неговата љубов која е сеопфатна да се оствари во нашиот живот, и единството црковно – Господово да процвета на начин што е погоден за Господ, на начин што го остваруваат сите Господови луѓе и сите оние кои овде со векови се издигнувале.

Дојдовме со љубов и надеж да разговараме!

Текст и фото: К. Кипроски