„Св. Јован Бигорски“ – оска на сите небески и земски случувања

Во посета на манастирот „Св. Јован Бигорски“

Се забележува дека секој мотив простум излегува од срцевината на дрвото, па на тој начин од едно парче на дрвото се создава една завршена приказна. Така е постигнат тродимензионален приказ во кој фигурите и сцените се во меѓусебен хармоничен сооднос.
Манастирот е местото каде се уште традиционално се собираат копаничарите кои црпат од неисцрпливиот и раскошен, речиси како од имагинација појавен иконостас.

За да се стигне пред божествениот храм на „гласната“ тишина, Св. Јован Бигорски, треба да се мине низ многунијансните зеленила и синила. Ова прекрасно здание, многуаглесто поставено во дивината за да и пркоси на најдлабоката убавина, континуирано и многувековно им се спротивставува на постојаните зулумќарски минувања на турските и албански чети. Манастирот одиграл важна улога за опстанокот на овдешното население и развивал интензивна и неповторлива културно–религиска и просветна моќ. „Св. Јован Бигорски е оската на сите небесни и земски случувања во регионот кој денес го зафаќа Националниот парк „Маврово“. Својата историја започнува да ја бележи со пронаоѓањето на иконата на Св. Јован Крстител, пронајдена од монахот Јован, кој во 1020 година ја нашол како лебди над изворската вода на трите чешми што и денес се наоѓаат под манастирот. Оваа година се зема и како година во која е основан манастирот.

Божјата служба изведувана на мијачки дијалект

Подоцна, ни велат соговорниците архимандрит Партениј, игуменот во Св. Јован Бигорски и јеромонах Доситеј, храмот го добива епитетот бигорски, бидејќи во негова околина имало големо количество на бигор камен од којшто биле изградени деловите од црквата и подот.

Монахот Јован кој ја нашол иконата на Јован Крстител, вели отец Доситеј, станува архиепископ Охридски и Македонски. Од старата црква што тогаш постоела, останата е иконата која е чудотворна. (Поради нејзината чудотворна моќ, освен Македонци, во црквата доаѓаат и македонски муслимани од околните села). Остатоци од старата црква има на јужниот дел на храмот каде има фрески од 16 и 17 век. Во 1740 година егзистирале две помали цркви што биле многу мали во однос на бројот на монасите кои овде живееле. Поради тоа, тогашниот игумен Иларион, вредните и свети предмети и икони ги засолнил и откако го изградил манастирскиот комплекс повторно ги поставил. Трите реда фрески во големата купола се ставени во 1800 година, некаде од 1829 до 1835 година се работени иконостасите, а од 1830 до 1833 год., иконите. Во 1866 год. се поставени фреските во помалата купола каде централно место зазема фреската на Св. Јован Крстител, а под неа се претставени сцени од неговиот живот.

Во манастирот „Св. Јован Бигорски“ Божјата служба се служела на словенски јазик, а најпознатите свештеници биле Мијаци. Во областа на паркот, манастирот бил единственото место каде што не се читало и не се пишувало на грчки јазик, туку на мијачки дијалект. Освен ѕидарските, столарските и другите занаети што во крајот биле мошне развиени во тоа време, се појавиле зографите, копаничарите и фрескосликарите, кои ќе се прочујат со својата голема уметничка дарба. Во уметничкото средување на божествените храмови во овие краишта на Македонија учество земале родовските тајфи кои работеле на објектите. Манастирот „Бигорски“ претежно бил работен од мијачките мајстори. Сепак, иконите биле сликани од Михаил и Данил, татко и син од Епир, од областите на денешна Албанија. Интересно е тоа што првите неколку икони се потпишани со Михаил и Димитриј, бидејќи името на Данил е Димитриј. Односно, додека Димитриј ја работел оваа црква, околу три и пол години, решил да се замонаши и го зел името Данил.

Иконостас богат со над 5000 фигури

Под секоја насликана икона поставени се длаборезите во кои се издлабени сцени од секојдневниот живот на луѓето, од животот на светците и од животот на копаничарите. Според броењата што ги извршиле стручњаците, иконостасот во Св. Јован Бигорски е богат со над 5000 најразлични растенија и животни. Така на пример, под иконата на Богородица има околу 65 човечки ликови, а под иконата на Исус Христос 72 лика. Секој лик е со својата посебна историја и физиономија, па се забележува дека и ликовите на истите светци не се идентични поради изразот на нивните лица. Карактеристично е тоа што во постарите цркви, иконостасите редовно биле мермерни. За првпат дрвени иконостаси се направени во Света Гора, вели отец Доситеј, каде работеле и Марко и Петре Филиповски, кои подоцна го изработиле иконостасот во црквата Св. Јован Бигорски. Тоа е нивното најголемо и најубаво дело. Овој иконостас е еден од највредните во нашата земја. Ликовите на Марко и Петре Филиповски се претставени од левата страна на иконостасот, под нив се претставени два ученика иако се претпоставува дека нивната тајфа броела околу 15 копаничари. Браќата потекнуваат од село Гари, оттаму и прекарот на Петре – Гарката. Освен на оваа црква, тие работеле и на иконостасите во црквите: Св. Спас во Скопје, Св. Никола во Крушево, во Лесновскиот манастир, во манастирите во Црна Гора, во Косово итн. Длаборезите се работени од ореово дрво. Ова дрво, ни објасни отец Доситеј, е специфично поради неговата лесна кршливост. Тешко е да се претпостави каква техника користеле копаничарите во Бигорски. Но, една од претпоставките е дека дрвото се премачкувало и со маслиново масло, носено од Елбасан, каде црквата имала свои имоти. Се забележува дека секој мотив простум излегува од срцевината на дрвото, па на тој начин од едно парче на дрвото се создава една завршена приказна. Така е постигнат тродимензионален приказ во кој фигурите и сцените се во меѓусебен хармоничен сооднос.

Во тешката борба за опстанок на населението во овие планински предели посебна улога одиграле манастирите и црквите во кои се развивала интензивна културно – просветна дејност. Во 19 век, во подрачјето на Националниот парк „Маврово“, активни биле и неколкумина истакнати преродбеници, меѓу кои и Партениј Зографски, Јоаким Крчовски и др.

Манастирот во поново време повторно заживува со доаѓањето на монахињите во 1993 година, а во 1995 година за игумен е поставен отец Партениј и денес во манастирот има четири монаси и двајца послушници (искушеници). Монаштвото во Македонија е традиционално, ни вели отец Партениј, тоа се гледа и од големиот број на цркви и манастири кај нас, а денес тој континуитет продолжува. Се трудиме на посетителите да им ја доближиме историската, културна и пред се религиска вредност.

Бигорскиот манастир е посетуван од луѓето кои сакаат да дознаат повеќе за храмот, за религијата и од оние кои едноставно сакаат да уживаат во божествената глетка на неговите длаборезби, икони, конаци, да уживаат во неговата прекрасна архитектура или во природата. Тоа е местото каде се уште традиционално се собираат копаничарите кои црпат од неисцрпливиот и раскошен, речиси како од имагинација појавен иконостас.

Пишува: Јасминка Марковска