Осветен нов монашки конак во Рајчица

Во манастирскиот двор на метохот на свештената бигорска фамилија, манастирот „Св. Георгиј Победоносец“, во дебарското село Рајчица, на манастирската слава во чест на празникот на чесниот крст беше осветен темелот на новите монашки конаци.

Чинот на осветувањето го изврши надлежниот архијереј на дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, митрополит г. Тимотеј, во сослужение на игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, со повеќе монаси и монахињи и свештенослужители на епархијата. Ктитор на монашкиот конак е Елена Пандева од Скопје, позната и како Елена Лука. По еден камен-темелник положија митрополитот г. Тимотеј, архимандрит Партениј и ктиторката Елена Пандева, кои исто така положија и лопати со бетон. Во темелот беше поставена и повелба за изградба на манастирскиот конак.

Пред да се изврши чинот на осветување и положување на камен-темелникот, митрополитот г. Тимотеј чиноначалствуваше со архијерејската литургија, а потоа одржа беседа за значењето на големиот христијански празник Крстовден.

На свеченостите во манастирот „Рајчица“ присуствуваа голем број верници од повеќе места на нашава држава.

Автор: К.К.