Свештената Бигорска обител беше домаќин на уште еден духовно-културен настан, посветен на големиот јубилеј, илјада години од основањето.
Дебар, 20 септември 2020 (МИА) – Свештената Бигорска обител беше домаќин на уште еден духовно-културен настан, посветен на големиот јубилеј, илјада години од основањето.
Во големата манастирска просторија за посебни пригоди беа промовирани три збирки на поезија: „Свештена Бигорска Обител“ и „Нашите празници“ од група автори, уредени од Вера Благојевиќ – Самарјанин и „Муабетење со умот“ од Нада Алексоска.
Свеченоста ја отвори доајенот на македонската забавна музика, кант-авторот Драган Мијалковски, со изведба на Песната за Патрикот: „1762 лето“. Веднаш потоа присутните ги поздрави и благослови игуменот на манастирот, Епископ г. Партениј.
-Мили мои, најнапред сакам да ви се заблагодарам на сите, што ве гледам сега собрани во оваа наша многувековна Светиња и што сите вие посакавте, со вашиот од Бога даден талент, да дадете придонес за прославување на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир. Јас честопати го нарекувам Бигорски срце кое биело и бие за нашиот народ. Еве сега ја чувме песната од нашиот познат великан на Преродбата од 19 век, Глигор Прличев, кој во својата „Автобиографија“ пишува со восхит за Бигорски, како за манастир кој единствен, заедно со Манастирот Пречиста Кичевска, го сочувал народниот словенски јазик,рече владиката Партениј.
Додаде дека само овие два манастира, во времето на Отоманската Империја, пожртвувано се бореле за запазување на словенската јазична традиција во богослужбите и во писменоста.
-Овде е отворено и првото ќелијно училиште на народен говорен јазик, од познатиот игумен Архимандрит Арсениј од Галичник. Тоа,несомнено е големото дело што овој манастир го направил во однос на будењето на народниот дух, во време кога народот што живееле на овие простори се наоѓал во двојно ропство: и политичко и духовно-просветно. Затоа денес слободно можеме да кажеме дека токму заради тоа тогашно втемелување на народниот јазик во писменоста и учебното дело што започнало од Бигорски, вие сега воспевате и пишувате песни на нашиот современ македонски јазик, посочи тој.
А пишувате и творите вдахновени се разбира, од најголемиот Поет и Уметник – Бог, нагласи тој и додаде дека во Симболот на верата, напишан за прв пат на старогрчки јазик, за Бог меѓу другото се вели: Ποιητὴς οὐρανοῦ καὶ γῆς, Творец на Небото и на Земјата.
– Вие, поетите, добро знаете дека токму од тој збор Ποιητής доаѓаат и именките поет и поезија. Како врховен поет, значи, како уметник над уметниците, Бог е оној кој вдахновува, кој ги дава талантот и ги дарува даровите на луѓето. И ете, сите вие, преку вашата добра волја, посакавте со тие богомдарувани таланти да дадете придонес за Бигорското илјадалетие. Уште еднаш ви се заблагодарувам за тоа и од длабочината на срцето ви испраќам благослов на сите, благослови господин Партениј.
Поетското читање го започна Вера Благојевиќ-Самарјанин, којашто воедно беше и организатор на манифестација, заедно со Здружението за македонско-босанска соработка „МаБих“ од Битола. Таа прочита две песни, посветени на бигорскиот старец и игумен, Епископ Партениј и на монашко братство и сестринствата.
Присутните ги поздрави претседателот на здружението „Скопјанката мајка Тереза“, Димче Петрушевски, кој со благодарност говореше за големиот јубилеј на Бигорскиот манастир. Тој, воедно, му подари пригоден поклон на владиката Партениј.
Повеќе поети и поетеси, учесници со свои дела во збирките, во прекрасната и топла атмосфера, читаа дел од своето поетско творештво.
По повод големиот јубилеј на Бигорски, нашиот познат ликовен уметник Живко Поповски – Цветин, му подари на Епископот Партениј уметничка слика со бројката 1000, украсена со неговите познати цветови за мир. Накрај, следуваше културно-уметничка програма, во која настапи оперската дива Серафина Фантаузо, којашто ја отпеа песната „На многаја лета“.