Стружани и годинава се подготвуваат за највеличествениот настан во градот, традиционалната и надалеку позната Струшка литија. Традиционално, ден по големиот христијански празник Свети Георгиј Победоносец, на 7 мај, низ струшките улици ќе блесне миротворната поворка со моштите на светителот.
Моштите на свети Великомаченик Георгиј поставени на раскошно украсен епитаф, носени од четворица угледни стружани, а последните години и од верници од други градови, ќе го осветат градот со торжествена литија, или позната уште под називот еордија.
Литијата почнува од црквата „Свети Георгиј Победоносец“, по вечерната богослужба и спомен за сите кои придонеле во изградбата на храмот. Полициско возило ја најавува церемонијата, а веднаш зад него дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, со палмина гранка во раката, како симбол на мирот. Член на Бигорското братство со клепало го најавува божествениот чин, односно дека се носи нешто свети и величествено. По него одат носачите на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството од Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје. Зад нив следува иконата на свети Великомаченик Георгиј Победоносец, една од ретките во светот, а од минатата година и чудотворната икона на Пресвета Богородица – Крнинска од манастирот „Пречиста Богородица“ во близина на Кичево. Редоследно во толпата се движи сестринството од манастирите во Рајчица и Пречиста, како и свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј, архимандрит Партениј и други митрополити, а потоа следува раскошно украсениот епитаф со моштите на светителот. Опкружени се со четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, кои симболично ги чуваат, а зад нив се верниците.
Молитвената литија се движи низ струшките улици, преку Мостот на поезијата преминува од другата страна на реката Црн Дрим, се движи низ чаршијата, излевајќи го насекаде благословот на Победоносецот и завршува повторно во храмот „Свети Георгиј“, каде што верниците имаат можност да се поклонат пред моштите на светителот.
Иако била забранета литијата никогаш не престанала да се одржува
Постојат сознанија дека торжествената Струшка литија се одржува од осветувањето на храмот „Свети Георгиј“, 7 мај 1835 година. Според протојереј Васко Голабоски, литијата се извршувала како црковна процесија со иконата од свети Великомаченик Георгиј од 16 век на која е зографисан светецот со елементи од неговото житие.
– Има записи дека литијата е заштитена како културна и духовна традиција. Имаме сознание дека литијата е негувана повеќе од 200 години, но многумина ја поврзуваат со денот на осветување на храмот 1835 година, ден по празнување на Свети Великомаченик Георгиј, вели отец Голабоски.
Во периодот кога била забрането да се шета низ градските улици со иконата, литијата се движела во околината на храмот, но никогаш не згаснала.
Миротворната поворка со својот блесок повторно е возобновена во 2010 година, со благослов на архимандрит Партениј и архиепископот дебарско-кичевски Тимотеј.
– Својата сила и убавина литијата ги добива од пред девет години, односно од 2010 со носењето на моштите на свети Великомаченик Георгиј од истоимениот манастир во Рајчица, ден по големата манастирска слава. Она што го придонесоа монасите на Бигорски манастир и сестринството во Рајчица и она што го даде архимандрит Партениј одекнува насекаде низ Балканот и целиот православен свет, нагласува отец Голабоски.
Од година на година сè по масовно
Струга како да живее за тој ден, а стружани со жар во очите раскажуваат за величествениот чин. Од година на година литијата има сè поголема масовност, покрај жителите на Струга и околните села сè поголем е бројот на посетители од земјава, но и од странство. Радосно и со молитва движејќи се низ струшките улици, присутните се поздравуваат со велигденскиот поздрав „Христос воскресе – навистина воскресе“. Во целата духовна убавина, молитва и радост, со посебна љубов млади облечени во народни носии со цветни ливчиња триумфално и развеани знаменца ги пречекуваат светињите. Учеството нивно е духовно, молитвено, радосно….
Оние што не можат да се вклучат во поворката поради многубројниот народ, достоинствена почит на светителот му оддаваат стоејќи на двете страни на улиците и поклонувајќи се кон моштите и чудотворните икони.