Од: Киро Кипроски
Забележано, необјавено
Во долнореканското село Требиште, кое се наоѓа на запад од бигорскиот манастир „Св.Јован Крстител“, монасите на манастирот, заедно со жителите на селото, во 1840 година ја изградиле црквата „Свети Ахилиј Лариски“, единствена во Македонија посветена на овој светец. Живописувањето на црквата во 1850 година го завршил легендарниот иконописец Дичо Зограф. Со децении црквата и нејзината околина беа препуштени сами на себе. Жителите Македонци на селото до еден се иселија, немаше кој да води грижа за вредниот црковно-културен историски споменик.
Работите полека почнаа да се менуваат од 1995 година, со обновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир, кое со декрет беше укинато во 1948 година. Епископот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, по неколкугодишно упорно настојување и заложби успеа проектот за конзервација да биде поддржан од годишната национална програма на Министерството за култура. За овој крупен зафат, Министерството додели минимални средства, така што конзервацијата во најголемиот дел паѓа на грбот на Бигорскиот манастир. Конзерваториските активности за зачувување на овој бесценет споменик на духовноста и културата на нашите предци деновиве почнаа да се реализираат.
Во последен час, пред да падне црквата, почнаа активностите за заштита и за спас и во скора иднина таа да биде отворена за посетителите. Поставен е привремен покрив над постојниот, за заштита од претстојните снежни врнежи, околу црквата е поставен дренажен канал да ги канализира водите да не прават штета на темелите и ѕидовите. Во последниве неколку години беше направена ревалоризација на објектот и беа добиени заштитно-конзерваторски услови поради значителната оштетеност, особено на покривот. Проектот за санација на културно-историскиот споменик, т.е. црквата, е влезен во програмата на Управата за заштита на културното наследство, а во консултација со Националниот конзерваторски центар, архитектот Ѓурѓица Лековска го изработи проектот за санација.
Активностите за заштита на требишката црква започнаа неодамна и се во полн ек, а токму тоа ме потсети на настан од пред неколку децении. Тогаш за првпат слушнав за ова древно македонско светилиште, а потоа и го посетив. Поводот беше едноставен. Академскиот сликар и графички дизајнер Никола Фидановски–Кочо, роден во долнореканското село Битуше, само неколку километри источно од селото Требиште, бил запрепастен од сонот што го сонувал и по извесно време ми го раскажа: „На сон ми се појави светец и подолго разговаравме, по што ме запраша дали го познавам родниот крај, дали знам дека постои уникатна, ретка црква со богатство и квалитет на икони, живопис и иконостас, дали знам каде се наоѓа црквата ’Св. Ахилиј Лариски‘ и дали сум ја посетил? Првпат слушам, не знам каде се наоѓа, му одговорив на светецот и му ветив дека наскоро ќе го посетам родниот кај, ќе ја пронајдам и ќе ја посетам црквата. Тоа го запаметив и наеднаш светецот се изгуби, продолжив да спијам и за друго не се сеќавам“.
Уметникот Фидановски кога станал бил вознемирен од сонот, размислувал што е тоа што го сонувал и дали има вистина или не! Размислувал кај кого да се обрати за да добие одговор на прашањето на светецот. Без многу размислување бил сигурен дека енигмата ќе ја одгатне во МАНУ, во разговор со почитуваниот пријател и соработник, академикот проф. д-р Цветан Грозданов, македонски византолог и историчар на уметноста. Академикот внимателно го ислушал пријателот и без размислување му рекол да не се возбудува, сонови со иста или слична содржина сонуваат и многу други. Црквата „Св. Ахилиј Лариски“ се наоѓа во соседното село на Битуше, во селото Требиште. Кочо бил љубопитен и сакал веднаш да ја посетат црквата и следниот ден желбата му се исполнила.
– Воодушевен бев од архитектурата на црквата, местоположбата, природниот амбиент и убавините што ја опкружуваат, го слушаме жуборот на водите на реката Радика, која минува под црквата, на спротивната, источна страна, во пазувите на планината Бистра, се протега Бигорскиот манастир, и ми навираат вонвременските стихови што ги опеал пред околу два века Константин Миладинов во песната „Т’га за југ“: „…поле погледиш или планина/ – сегде Божева је хубавина…“ – раскажуваше тогаш уметникот со топлина на гласот и инспиративното говорење.
На Кочо Фидановски и по неколку месеци од посетата на црквата и селото Требиште впечатоците му се свежи, ни ги пренесува како во моментот да ги гледа композициите на фреските, иконите, иконостасот… Вдахновен беше од мајсторијата на изработката на фрескосликите, од складноста на боите, од живите ликови на светците, од сликарската техника што ја применувал неповторливиот генијалец Дичо Зограф.
– Со часови со академикот Грозданов, фреска по фреска, икона по икона ги разгледувавме, анализиравме, се восхитувавме толку од убавините, очите не можевме да ги тргнеме, духовно се насладувавме, а впечатоците и задоволствата од посетата и од наредните посети постојано се во мене и секогаш ќе бидат, ми даваат неисцрпна инспирација во творештвото – со огромно задоволство ни говореше Кочо.
Во подолгиот разговор нѐ запозна и со неколку интересни приказни поврзани со темата за која дотогаш зборувавме.
Првата е за несекојдневното откритие до кое дошол при посетата на Требиште. Единствено во црквата „Св. Ахилиј Лариски“ во селото Требиште, Дичо Зограф ја насликал прекрасната, за мене вонвременска композиција „Жена седмочишленица“. Оваа композиција ја насликал на икона на оревово дрво, посветена на Григор Прличев, истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност во 19 век. Иконата ја нарачала сопругата на Прличев, кои биле блиски пријатели. Втората приказна се случила на почетокот на 21 век, кога уметникот случајно ја дознал тајната што со децении ја чувала мајка му Донка.
Живко Дојчиноски, од долнореканското село Ростуше, чувар на Бигорскиот манастир, го замолил уметникот Кочо да му изработи уметничка слика на Бигорски, за да му ја краси куќата.
– Со задоволство ја прифатив понудата да му ја исполнам желбата на Живко, не само што го чуваше манастирот туку многу беше вљубен во манастирските конаци и чардаци, во големата трпезарија, во манастирската црква… живееше за Бигорски и многу му значеше. На Ликовната академија во Белград посебно ме интересираше технологијата за изработка на слики на плексиглас и ја научив до перфекција. Сликата беше феноменална, кој ја видел се воодушевувал, а Живко беше пресреќен и ја поставил на челно место во гостинската соба. По неколку месеци, на гости кај Живко била мајка ми, само што ја погледнала сликата, на домаќините им рекла дека синот Кочо ја имал насликано, а тие потврдиле. По извесно време на неколку дена дојдов во Битуше да ја посетам мајка ми, нејзиното срце попушти, не можеше да издржи и ми ја кажа тајната што во себе ја чувала откога сум се родил: „Ех Кочо, сине мој, кога те родив во 1946 година те ветив да бидеш овчарче во Бигорскиот манастир, желба ми беше кога ќе пораснеш да имаш работа, да не одиш на печалба и да талкаш по корка леб низ светот. Но по две години од тогаш, комунистите го затворија манастирот, стадата овци и кози им ги поделија на стопанствата. И наместо овчар, стана уметник, таа била помислата на Бога.“ Сакав да ѝ се налутам на мајка ми зошто не ме прашала дали сакам овчар да бидам? Се сетив дека сум бил бебе, освен да плачам друго не сум знаел!
– низ шега го заврши своето сеќавање академскиот сликар и графички дизајнер Никола Фидановски – Кочо.