Голем интерес за присуство на утрешната боженствена утринска литургија, на врвот Голем Крчин, над долнореканското село Битуше, што се наоѓа на надморска височина од 2341 метри.
Дебар, 22 август 2020(МИА) – Голем интерес за присуство на утрешната боженствена утринска литургија, на врвот Голем Крчин, над долнореканското село Битуше, што се наоѓа на надморска височина од 2341 метри.
-За овој значаен настан до сега пријавени се повеќе од 400 учесници, што навистина е голема бројка, ако се има предвид и актуелната епидемиолошка состојба со пандемијата со Ковид-19. Сакам да напоменам дека утрешното искачување ќе биде во согласност со определените мерки за заштита и превенција од вирусот, кои сите учесници ќе бидат должни да ги почитуваат, изјави за МИА, сестра Ефимија од Раичката обител.
Настанот „Искачување и Божествена Литургија на врвот Голем Крчин“, кое претставува најатрактивното искачување на врвот Голем Крчин, веќе стана традиција, што пред пет години ја почнаа монасите од Бигорскиот манастир и монахињите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица и кој од година во година привлекува се поголем број верници.
– Заради обезбедување на учесниците ќе биде присутна и Единица за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид, како и професионални екипи на Црвениот крст од повеќе градови на нашата земја. Исто како и минатите години, цел е на врвот на Голем Крчин рано наутро да биде отслужена Света Литургија и да се обидеме да ги видиме висините низ една друга перспектива, додава сестра Ефимија.
Објаснува дека патеката е од средно тешка до тешка и одењето трае околу четири часа и посочува дека се планирани сопопатни кратки одмори на места каде што има извори со вода, од кои последниот е на средината од патеката, односно кај првата црква.
Време на собирање и поаѓање е 23 август (недела) во 02:30 – 03:00 часот, па се очекува бројот на учесниците да биде поголем. Пристигнување на врвот е во утринските часови. Место на собирање е пред поранешната караула во село Битуше, односно од пред скитот посветен на светите Кирил и Методиј. Враќањето е организирано од врвот Голем Крчин веднаш после завршувањето на богослужбата.