
Во духот на заедничарењето и на благодарноста, ни претставува особена радост што одново имаме можност ретроспективно да ви го претставиме нашето годишно патување низ 2024 лето Спасителово. Работејќи смирено над нивата Господова, со трпение, вера и молитва, ја испраќаме минатата година со повеќе значајни настани – сведоци на еден добар подвиг, залагање и посветеност, со цел духовно возрастување на Црквата Божја. Од свештени богослуженија до значајни културни собири, секој настан беше празник на духовноста и на заедништвото, сведок на нашата заедничка мисија и соработка во љубовта Христова.
Под небесна закрила и водство на Свети Јован Крстител, неуморниот заштитник на нашиот Манастир, и со благословот на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со огромна благодарност и надеж за светлата иднина, го започнуваме новото Лето на благоста Господова. Се молиме за благословена година, исполнета со духовен раст, љубов и радост во Христа Господа. Ви благодариме што сте дел од нашата поширока заедница и ви посакуваме благословено духовно патување и растење во новата година.
Со благослов и почит, ве покануваме да продолжите да нѐ следите и да останете поврзани со нас низ настаните и миговите на молитвено заедничарење и годината што настапува. Нека ни е благословено новото 2025 Лето Господово, носејќи радост и мир во Христа и духовно обогатување во нашите срца. Амин.
1. Величествен Божикен и Новогодишен мјузикл во Кичево
02 јануари/15 јануари 2024 лето Господово
Во светлата и серадосна ноќ, голем број љубители на културната и духовна традиција се собраа на сцената во Центарот за култура на град Кичево „Кочо Рацин“, каде што втора година по ред, во организација на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, се одржува Божикниот и Новогодишен концерт. Членовите на истакнатиот кичевски хор, како и музичарите од составот „Мерак Чалгии“, заедно со уште многумина млади музичари од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, повторно успеаја да ни ја пренесат длабоката празнична смисла која извира од православната традиција. Повеќе
2. Триумфалниот пречек на Христовиот Победоносец во Рајчица
17 март/30 март 2024 лето Господово
Во Манастирот на славниот Победоносец ни пристигна верна изобразба од познатиот молдавски чудотворен образ на Светиот Георгиј Победоносец, кој се чува во Зографскиот светогорски манастир. Нејзиното пристигање трајно го запечати и Богородичниот атонски благослов за Рајчица, но и за целата држава, бидејќи претходно таа беше осветена на Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф. Повеќе
3. Промоција на книгата: „Само љубов шириш, Христе“
21 мај/3 јуни 2024 лето Господово
Во атмосфера на непосредна радост и чисти пасхални восклици, изразени низ детска насмевка и задоволство, во текот на вчерашниот неделен ден помина промоцијата на Велигденската збирка песни за деца, насловена како: „Само љубов шириш, Христе“. Повеќе
4. Документарниот филм за Бигорски доби престижна награда
03 јули/16 јули 2024 лето Господово
Документарниот филм за Бигорски „1000 години – Сведок на Светлината“, во режија на нашиот драг пријател и соработник г. Илија Ико Каров, освои награда за најдобра музика на интернационалниот филмски фестивал „History“, кој оваа година се одржа во градот Аспарн, Австрија. „Најголемата заслуга за ова признание е кон македонскиот композитор Горан Трајковски, кого го препознаваме под уметничкото име Готра. Повеќе
5.Света Литургија во Долнодримколскиот Манастир на Св. Арх. Гавриил
13 јули/26 јули 2024 лето Господово
Древниот Долнодримколски Манастир, за чиешто оживување, по желбата и молитвите на нашиот почитуван архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, нашите монашки заедници, на чело со возљубениот ни Старец, Епископот г. Партениј, со особена љубов и жртва се посветија за негово заживување. Имено, денес, по цели осумдесет години запустеност, манастирот на Светиот Архангел Гавриил во Долни Дримкол заживеа со Света и Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот Преосветениот Антаниски.Повеќе
6. Празникот на Сечесното Успение во Имврос
03 август/16 август 2024 лето Господово
Со благослов на нашиот возљубен Високопреосвештен Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот почитуван Старец, Епископ г. Партениј, заедно со дел од братството и сестринството, неколку дена се наоѓа на егејскиот остров Имврос, денешен Gökçeada, Република Турција, за со неизмерна радост и молитвена преданост да учествува во прославата на сечесното Успение на Пресветата Владичица наша Богородица. Среде овој осветен остров, каде што милоста и благодатта на Мајката Божја ги прегрнуваат сите присутни, Старецот и нашата монашка заедница ги воздигнуваат своите молитви кон милостивата Мајка за заштита и духовно укрепување на целиот наш народ и на сиот род христијански. Повеќе
7. Тројца нови монаси во прегратките на Христовата љубов
29 август/11 септември 2024 лето Господово
Во навечерието на празникот Усекновение на Чесниот Претеча и Крстител Јован, на Вечерната богослужба, нашиот драг монахољубив пименарх, Високопреосвештениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со своите татковски пастирски раце го изврши свештениот чин на монашки постриг на нашите браќа: Јајка Силккола од Куопио, Финска, Деан Божинов од Радовиш и Оливер Марковски од Куманово, кои доброволно го понесоа на себе крстот на самозаборав заради Христа и ги положија пред земската и небесната Црква вечните завети за доброволно послушание, нестекнување и целомудрие, добивајќи ги новите монашки имиња: Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, соодветно. Повеќе
8. Манастирот Пречиста се украси со уште една Христова монахиња
08 септември/21 септември 2024 лето Господово
Во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, вчеравечер во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла. Повеќе
9. Трибина во Дебар за семејството како основа на соживот и општествени вредности
29 октомври/11 ноември 2024 лето Господово
Градот Дебар беше домаќин на првата Трибина која се одржа во рамки на проектот за поддршка на соживотот во регионот, чијшто носител е Здружението за заштита и негување на културните вредности „Рајчица“. Овој значаен мултикултурен и мултирелигиски проект се случува по идеја и со благослов на нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, а е одобрен и поддржан од страна на Општина Дебар. Повеќе
10. Последното испраќање на дедо Тимотеј
15 ноември/28 ноември 2024 лето Господово
Народот Божји со голема тага поради привремената разделба и со силна надеж за повторно соединување во вечноста, се прости со од еден од своите црковни пастири, митрополитот Дебарско-Кичевски Тимотеј. Неговото чесно тело беше погребано зад јужната апсида од олтарот на свештениот храм на Светите Климент Охридски и Пантелејмон Чудотворец на Плаошник, каде што ќе почива покрај нашиот голем рамноапостолен Светија. Погребението беше сведоштво за животот на човек кој својата епархија и Црквата ја облагороди со долгогодишна посветеност, градителство и пастирска грижа. Повеќе
💫 Со радост и љубов, ви ја честитаме Новата 2025 Година со каландата – „Почнува Нова Година“, изведена од хорот по источно православно пеење „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, во Свештената Бигорска Обител пред Старецот и владика г. Партениј.
🎶 Послушајте ја песната и дозволете нејзиниот мелодичен призив за добродетели, љубов и мир да го украси вашиот дом во ова ново лето Господово.🙏 Нека ни биде благословена Новата Година!
Христос помеѓу нас! 🌟