Прекршена традиционалната василопита

Нè озари со својот небесен пламен огнениот столб кој се издигнува од земјата до небото и ја краси целата вселена! Тоа е мудриот и божествен Василиј, епископот од градот Кесарија Кападокиска, и провозгласител на спасителното учење пред целата вселена. Неговиот свет и сечесен спомен како да плете прекрасен и чудесен празничен венец, во кој се преплетуваат нишки од споменот на Обрезанието по плот на нашиот Спасител Господ Исус Христос и од прославата на почетокот на новата година. Низ историјата, во различни места, годината имала различни денови за свој почеток, сепак, денес, поради временската близина со Рождеството Христово, бидејќи доаѓа непосредно после воплотувањето на беспочетниот Создател на вековите, како нејзин почеток се слави 1 јануари. Празнувајќи го, денес, ова триделно торжество, по празничната утрена богослужба и светата Василиева Литургија, во нашите свештени манастири беа прекршени традиционалните Василиеви пити, во чест на чудото што го направил св. Василиј.

Најпрво нашиот старец, архимандрит Партениј, со молитва за новото лето Господово, ја благослови василопитата во Бигорската обител, посакувајќи им на браќата и присутните верници благодатна нова година. Веднаш потоа празничното славословие продолжи и во Раичкиот манастир, каде што, во присуство на сестринството и бројните гости о. Партениј ја благослови и прекрши и тука Василиевата пита, додека во позадина весело одѕвонуваа прекрасните детски гласчиња, кои неуморно ја пееја Божикната каланда „Вечниот Бог“.