Со мудрост и благочестие, со вера и усрдно служение, ти достигна архипастирски чин.
Во Охрид не остави да угасне делото на Климента и Наума,
просветувајќи во православната ни вера.
Го утешуваше своето паство во бедите од агарјаните.
Демонските примки не те сломија, но преку агарјански меч животот ти го одзедоа.
И пак, владико Варлааме, ти си среде паството своето.
Со твоето застапништво пред Христа болни се исцелуваат, очајните надеж добиваат.
Биди и за нас, коишто ти се молиме, застапник пред Бога,
да го закрилува православниот народ и да ги спаси ги нашите души. Амин!(Тропар на Свештеномаченикот)
Вчера, на 10 јуни 2018 година, во Втората недела по Педесетница, во храмот „Успение на Пресвета Богородица – Каменско“ во Охрид, торжествено беше прославен и споменот на светиот свештеномаченик Варлаам Охридски. Со Светата Литургија чиноначалствуваше Н. В. Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот г. Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Љупчо Бакрачески, Александар Димоски и Сашо Целески, протоѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васил Ристовски и ѓаконот Христијан Костоски.
Кратко житие на свештеномаченикот Варлаам Охридски
Свештеномаченикот Варлаам (Валам) бил Охридски Архиепископ од околу 1597 до 1598 година. Сведоштвата за него се оскудни. Веројатно седнал на Охридскиот архиепископски престол околу 1597 година, после заминувањето на неговиот претходник Атанасиј на дипломатско патување во Западна Европа. Поради богољубиви и родољубиви причини бил убиен од Турците на 28 мај 1598 година. Во еден запис за неговото мачеништво стои: „Во летото 7106, месец мај 28 ден, на Архиепископот Охридски кир Валам Турците му ја отсекоа главата во град Велес, откако многу го измачија. Нека му биде споменот вечен“.
Во истото време по мачеништвото и фрлањето на телото на блажениот отец во реката Вардар, поради гоненијата и клеветите и против другите Христијани, никој не смеел да прашува за телото и да го извади, туку тоа останало една седмица во водата, сѐ додека малку не стивнал метежот, предизвикан од ѓаволот, преку гневнојаросните османски црца. Откако работата се успокоила, во некое село, на околу два дена пат од градот Велес, живеел некој човек којшто водел добар живот, ги угостувал странците, им давал милостина на сиромашните, ги љубел бедните, а по занимање бил рибар. Во текот на ноќта тој слушнал глас: „Појди на тоа и тоа место да ловиш риба и ќе имаш добар улов“. Тој, пак, штом се разбудил од сонот, се зачудил на видението и веднаш заминал на риболов на посоченото место. Кога се приближил до местото – а на брегот на реката растело дрво – видел на него бела птица, налик на орел, којашто стоела неподвижно. А тој многу се изненадил, размислувајќи што е тоа, бидејќи никогаш немал видено таков вид птица. И така, кога стигнал до местото и блиску до онаа птица, погледнал покрај реката и го видел телото на Блажениот, испливано над водата, лежејќи неподвижно на едно место. Онаа птица, пак, стоела како да чува стража, пазејќи го телото. Благочестивиот маж го препознал телото на Архиепископот според раните и според гласините за тоа убиство и за фрлањето во реката. Тогаш го извадил и скришум го однел во селото, го положил при црквата, размислувајќи како да го погребе. А птицата, додека телото било носено, го следела и летала над него, сѐ додека не било положено. Тогаш и таа застанала на црквата, пазејќи го телото. Оној богољубец, пак, намислил да го погребе надвор од црквата. Но Варлаам му се јавил на сон, велејќи му: „Погреби ме во олтарот внатре во црквата, бидејќи јас за црквата пострадав и умрев“. Тогаш богољубивиот човек ги известил блиските и еднодушни со него соседи и ги собрал за погребение на телото. Кога се собрале заедно со свештеникот, ги извршиле сите потребни последованија за погребението. Откако самиот чин завршил, кога дошло време да го положат телото во гробот, тогаш многумина притрчале да го подигнат и да го спуштат во гробот, но тоа не им дозволило ни малку да го поткренат. Ете го првото чудо!
Сите се восхитиле на станатото и биле во недоумение која е причината за таа неподвижност. Потоа размислиле, говорејќи: „Веројатно не сме достојни да се допреме до оваа светиња, затоа и ни се запрети да го погребеме“. И тогаш почнале еден по еден да испитуваат кому се даде да го носи телото, а кому не. При тоа испитување едвај се нашле тројца благоговејни мажи и – според сведоштвото на сите што живееле таму – со праведен живот; ним, значи, им се дало да го положат телото во гробот. На тој начин Архиепископот бил чесно погребан. По погребението, птицата што го чувала телото, одлетала од црквата и постанала невидлива.
По една година од погребението на телото, еден епископ – благочестив, сиротољубец, на сите познат по совеста и животот, дека е пазител на Христовите заповеди – имал ангелско видение. Имено, во видението му било речено: „Извади го сокровиштето скриено таму, та да се слави Бога“. Нему му се јавил и Варлаам, велејќи му: „До кога ќе ме држиш во затворот на таа темница, та да не можам да им дадам помош на бедните и на страдалните од разни болести и бесовски искушенија? Да спознаат дека од она што мислеа дека ќе го победат, ќе бидат победени и победени се веќе; од она што мислеа да го умртват, ќе бидат умртвени; од она што мислеа да го обесчестат, ќе бидат обесчестени и за веки поругани, а она што мислеа дека го убиваат – ете, сега сум жив и започнувам да ги убивам и погубувам. И ќе го изгонам ѓаволското племе, за да не свива гнездо заедно со Божјите творенија и ќе ги очистам садовите на Божјиот дом и ќе ги осветам и ќе направам Бог да биде милостив кон нив! Изнесете ме, за да бидам откриен пред целиот свет, о, епископе!“
Кога епископот се разбудил и размислил за видението, веднаш тргнал кон Охрид. И ги собрал православните, раскажувајќи им што се случило. А тие, штом го чуле тоа, од ревност се распалиле со огнот на љубовта и го замолиле епископот да тргнат без задоцнување заедно со него и да ги донесат со почест моштите на Блажениот, од она село во градот Охрид. Епископот, пак, прилежно го послушал нивниот совет и молба. Меѓутоа, за да не би бесовската завист ја попречи нивната замисла, подигајќи смут среде безбожните Османлии, и да не би им биде попречено да успеат во своето желание, тие смислиле да се посоветуваат гласно. Како што некогаш Јосиф со Никодима го замолиле Пилат – којшто никако не можел да предвиди дека Он е Христос – да им нареди да Го погребат како некој обичен странец, за да ја прикријат Неговата слава. Тие, значи, знаеле дека Он е Творец и Создател на целиот свет, но затоа тоа го скриваат, та брзо да успеат да го погребат Христовото тело – без потрес на совеста и никаков страв, какви што би имал Пилат, доколку би расудувал. Зашто доколку би ја започнале прозбата со славата Негова, не би го добиле телото Исусово за погребение; но започнуваат од бесчестието и поради тоа брзо и го добиваат. Кога му рекле на Пилата: „О, судијо, дај ни го Овој убиен клетник и сиромав, Којшто немаше каде глава да потслони, та да Го погребеме“ – тој заповедал и им разрешил. Исто така и охриѓани, откако стигнале до кадијата и до другите турски управници на охридската област, ги прикриле видението на Варлаам и чудото што го направил, оттука ја започнале молитвата, говорејќи: „О, кадијо, и вие, најпрвите првенци на овој град, чувте дека е убиен без вина и без грев бедниот епископ во вашиот град, од убијци коишто живеат во град Велес; и беше погребан несоодветно таму и таму. А сега ние си припомнавме дека тој сиромав беше од нашиот град и тука се удостои да биде епископ. Ве молиме, наредете ни да го донесеме својот мртовец во неговото отечество. Вие, пак, ќе примите од нас награда, каква и да посакате, само да ни ја исполните желбата!“
А тие, штом слушнале за наградата – повеќе заради неа, отколку поради молбата – откако ја зеле од нив соодветната наплата, им дозволиле на охриѓани да го донесат блажениот Варлаам во градот Охрид. Тогаш, откако добиле разрешение и дозвола од властите на градот Охрид, православните Христијани отишле заедно со оној епископ за телото на Светиот. И штом пристигнале, направиле прво молтивено последование според востановениот обичај, а исто – ги извадиле неговите мошти и ги поставиле на откриен одар.
Но – о, чудо! – сега раните на телото биле излекувани и зараснати, така што никако не се забележувало сеченото и прободеното, но се гледале само некои мали белези – таму каде што бил посечен и прободен. А од тие рани – о, прекрасни се твоите дела, Господи, и нито едно слово не е достојно за похвала на Твоите чудеса! – истекло благоухано миро и ги исполнило сите со благоухание и радост, така што сите недоумевале со кои усни и славословија да започнат да Го прославуваат Бога, Кој го прославил својот Светец, и да го вознаградат со благодарност блажениот и осветен Варлаам, којшто им дарувал благодат и таков дар. И колку што можеле, толку и ги управиле кон Бога должните славословија.
Тогаш дошле болни и обземени од разни неволи и страсти и во името на Светецот, преку допирање и помазување со миро, веднаш добивале здравје и се ослободувале од болестите и страстите. И кој не би се восхитил и не би Го прославил Бога, дивен во Своите светии, Којшто им дал таква сила на Своите угодници, така што и после смртта, повеќе отколку при животот, да имаат власт да прават чудеса, да прогонуваат бесови, да лекуваат болести, да избавуваат од беди и напасти?!
Слава, Владико, на Твојата неизречлива премудрост и сила!
Слава на таинството на смртта и Твоето распетие!
Слава на Крстот и на Твоето бесчестие!
Слава на Воскресението и на Твојата слава, зашто преку Крстот и позорната смрт Ти нѐ прославуваш и нѐ пренесуваш од овој лажен живот во Царството Небесно!
На Тебе слава, сега секогаш и во веки, амин!
И така оние христоносни луѓе, торжествувајќи духовно за Варлаам, го донесле во градот Охрид и го положиле во црквата на Охридската Архиепископија, каде што непрестајно точел исцеленија и им дарувал благодат на оние што ја барале благодатта.
Проповед на Н. В. Митрополит Тимотеј на споменот на Св. Варлаам Охридски
„Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните (1.Кор. 1,27)
Како што знаеме од Библијата, кога нашиот праотец Адам ја прекрши Божјата заповед, беше истеран од рајот. Поради неговиот престап, сите луѓе станаа осудени на смрт. Истите, преку животот се навикнаа на многу лоши обичаи, на телесни гревови, безбожие, идолопоклонство и станаа робови на ѓаволот. Затоа, милостивиот Бог, слезе од небото, се роди од св. Дева Марија, и стана Човек, за да го избави родот човечки, да го упати кон правиот пат, и да го поведе кон вечното блаженство, од каде што беше истеран. Но, за да остане Неговата проповед запаметена, требаше да има свидетели, кои ќе го проповедаат Евангелието по целиот свет, и да ги просветат сите народи. Затоа, Господ Исус Христос, оди по суво и вода, како што отиде и на Галилејското море, да ги собере Своите ученици и апостоли, за да ги проповедаат Неговите чуда на земјата, коишто и денеска ги слушнавме во евангелското четиво, на светата Литургија.
Гледаме какви луѓе избира Господ Исус Христос за Негови апостоли. Избрал не мудри, туку, прости рибари и сиромашни, за да ги посрами горделивите и мудри Елини, кои не можеле да ја познаат Божјата премудрост. Затоа, кога го гледаме небото и земјата, и сè што се наоѓа по нив, Го познаваме Бога. Небесата ја објавуваат славата на Бога, а за делата на рацете Негови известува сводот небески (Пс. 18, 1). Сè што постои е направено од ништо, а Грците, и покрај тоа што биле толку мудри и ги гледале мудрите Божји созданија, сепак, не можеле да Го познаат Бога. Затоа, Бог ги избира простите рибари, за да убедуваат со кротост и смирение, а не со мудрост и насилие, бидејќи пред Бога и Неговата мудрост, секоја човечка мудрост се губи и станува ништо. Затоа, апостолското учење ја посрами елинската философска мудрост. Тоа што мудрите философи и силните цареви не можеа да го направат, го направија, со Божја помош, неуките и прости рибари. Го убедија целиот свет и го привлекоа кон вистинското Богопознание. Се поставува прашањето: Зошто Бог, кога ги избира апостолите, ги повикува двајца по двајца, како што е случај со Петар и брат му Андреј? Не за друго, туку, да покаже колку е неопходно човекот да има пријател. Ако е сам и ако падне, нема кој да го подигне, а Бог тоа го покажал уште кај Адама, кога вели: Не е добро за човекот да биде сам; да му создадеме помошник, сличен на него!(1. Мојс. 2, 18). Кога човек е сам, не може да се спознае и поправи, ниту греши, ниту, пак, има можност кон кого да пројави љубов. На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците (Мт. 22,40).
Господ Исус Христос, како што тогаш ги повикал апостолите, така и сега, и нас нѐ повикува: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Мт. 11, 28). Но, никој не го слуша Божествениот глас, ниту, пак, го прима Неговиот спокој. Се поставува прашањето: Зошто е тоа така? Дали славата Божја е ослабната, па не може да допре до срцето на луѓето? Не е ослабната, бидејќи, таа не се менува. Како што била при Адаама и Ное, при Авраама и Мојсеја, пророците и апостолите, таква е и денес. Таква ќе биде до крајот на светот и вековите. Но, сега, не дејствува како што дејствувала за време на пророците и апостолите, заради тоа што денес, многу луѓе одат во Црква и го слушаат словото Божјо, но, повторно излегуваат грешни. Остануваат не поправени и, за жал, некои умираат во големи гревови. А зошто е тоа така? Затоа што не се грижат доволно за нивното спасение, туку, повеќе посветуваат грижа и внимание за световните работи. Па, така, кога со телото се во Црква, со духот се наоѓаат надвор од Црквата, по своите работи и други земни грижи. Но, ние знаеме, од зборовите на нашиот Спасител, дека душата е најважна, па затоа и вели: Оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? (Мк. 8, 36).
Ние денес, се собравме во овој свет храм, исто така, да прославиме еден голем архиереј на Охридската Црква, поточно, го прославуваме светиот маченик Варлаам, Охридски архиепископ, кој бил маченички убиен во 1598 година од Турците во градот Велес, а потоа фрлен во реката Вардар. Овој архиепископ, како свет маж, светителствувал на Охридскиот престол, во едно многу тешко и мачно време, како за Црквата Божја, така и за народот кој живеел на територијата на Архиепископијата. Тој се застапувал за поголема правда и слобода, за чување на верата и обичаите, и жестоко се спротивставувал на исламизирањето на својата паства. Но, затоа бил протеран од Охрид, и во Велес, на маченички начин, го завршува својот овоземен живот. Неговата храброст и неговата подготвеност да го жртвува својот живот за Христа, нека ни послужи на сите нас за поттик кон цврстината на нашата вера, па да покажеме ревност и да го следиме Христа со искреност, чесност и одданост. Кога се наоѓаме на светите богослужби, да го собереме нашиот ум на молитва и да испросиме милост Божја, а благодатта Божја да биде со нас, и така да можеме сите препреки и искушенија, достоинствено и христијански да ги поднесуваме, а за прослава на Бога и св. Варлаам Охридски и за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин“.
Фото: Дебарско-кичевска епархија