Во денот кога го славиме споменот на сесловенските првоучители и просветители, Свв. Кирил и Методиј, Светијовановото светилиште, Бигорскиот Манастир, беше посетено од почитуваниот амбасадор на Р. Словачка во Р. Македонија, г-дин Хенрик Маркуш, во придружба на официјална делегација, составена од: монсињор Марјан Храдел – викар на Жилинската диецеза, г-дин Милан Лауренчик – пратеник во Собранието на Словачка, г-дин Јозеф Давидик – градоначалник на градот Терхова, г-дин Руод Патрнчак – директор на Центарот за култура во Терхова, Стојан Лекоски – преведувач и библиограф, кој долго време живее и работи во Словачка, како и сопругата на Амбасадорот, г-ѓа Жанета Маркуш.
Овие благодушни граѓани на Р. Словачка ја посетија нашата земја по повод празникот на сесловенските првоучители и просветители, Светите Браќа Кирил и Методиј, кој и самите тие со особени торжества го слават во најголемиот словачки храм посветен на Свв. Кирил и Методиј, како и низ многубројните храмови подигнати во нивна чест во таа земја во која некогаш чекореле овие големи Светии. Пред само два дена во Скопје, а по повод овој значаен за сиот славјански род празник, делегацијата од Словачка организирала пригодна изложба, која ја посетиле голем број македонски граѓани.
По повод посетата на нашиот Манастир, членовите на делегација на нашиот Старец, Архимандритот Партениј, со особена радост му предадоа официјална покана за учество на нашите монашки хорови на јубилејните, 30-ти по ред „Денови на Свети Кирил и Методиј“, во градот Терхова, кои ќе се одржат од 3-5 јули 2019 лето Господово.
Нека нашиот добар Господ, по молитвите на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј, ги просветлува овие љубители на светото Кирило-Методиевско дело, испраќајќи им духовни сили, за да продолжат и во иднина достојно да го слават и продолжуваат тоа свештеното дело на нашите првоучители и просветители.