Денес, во свеченото навечерие на празникот Бадник, Бигорската Обител ја доживеа една посебна радост – радост што ја донесе слаткогласното пеење на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево. Во голем број, тие пристигнаа во манастирот, заедно со децата од реканскиот регион, да го израдуваат нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, најавувајќи му го со традиционални православни каланди Рождеството Христово.
Беше навистина посебен момент, исполнет со радост и духовна длабочина, да се слушаат овие ревносни млади луѓе кои неуморно се трудат во сочувувањето и развојот на православните христијански традиции. Со своето пеење, тие го украсија домот на светиот Јован Претеча, исполнувајќи го манастирот во стихови исполнети со благослови и радосни ноти.
Видно трогнат од овој благочестив гест на големиот состав на хористи и музичари, владиката Партениј ја изрази својата неизмерна благодарност. Тој ги благослови не само нив, туку и сите оние кои, со истиот ревносен дух, во секој крај на нашата Татковина, го најавуваат големиот христијански празник, повикувајќи ги сите да дојдат во храмовите за литургиски да го прослават раѓањето Христово.
Нека овој синовски подарок за владиката Партениј од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ и најмладите од реканскиот регион, им донесе уште поголем благослов за непрестаен духовен напредок, та постојано, во духот на љубовта, мирот и заедништвото да ги радуваат срцата на верните.