Со благослов на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, дечињата од реканскиот регион, викендов беа во посета на нашиот манастир, каде заедно со своите домаќини од Кичево – членовите на хорот Митрополит Козма Пречистански – зедоа учество не само во секојдневниот богослужбен ритам на манастирот, туку присуствуваа и на специјално организираните активности за нив.
Пеењето на Божиќни каланди, часови по Вероучение, запознавање со знаменитостите на градот Кичево, како и со историјата на нашиот древен манастир посветен на Богомајката Пречиста, во нив внесе голем ентузијазам, будејќи им нови креативни сили за учење и создавање. Нивните прекрасни гласови одекнуваа низ манастирските ѕидини, носејќи им радост и топлина на сите присутни.
Оваа посета на манастирот Пречиста, беше одлична можност за децата од реканскиот регион да стекнат многу нови пријателства и да ги зацврстат другарските врски со своите врсници од градот Кичево.
Посетата беше надополнета и со многу изненадувања, неѓу кои и она што беше приредено од страна на почитуваните пријатели на нашата света Обител, семејството Андоноски од Битола, кои подготвија забавни активности, како и празнично пакетче за секое од дете.
Изразуваме огромна благодарност кон нашиот Старец и Епископ Антаниски г. Партениј, за тоа што ни овозможи да бидеме дел од една прекрасна, чиста и искрена дружба, имајќи можност да придонесеме за доближување на чистите детски срца до Бога.