По дваесет и пет години враќање „на изворот“, со благослов на нашиот старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, во Бигорскиот манастир деновиве започна 38-та копаничарска колонија организирана од ЗКМАК. Токму во Бигорски, во јуни 1994 година, се одржа првата колонија и тука израснаа нејзините рани изданија, во непосредна близина на славниот иконостас на Петре Филиповски-Гарката – дело коешто со своите скулпторални квалитети и внатрешна логика на формата повеќе од два века е мерило и вдахновение за резбарите.
Колонијата ја отворија: претседателот на ЗКМАК, г. Никола Михајловски, деканот на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер при УКИМ, проф. д-р Ѓорги Груевски, и ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова. Со пригодно слово во името на игуменот, владиката г. Партениј, се обрати архимандритот Доситеј, кој ја поздрави колонијата и гостите и ја изрази радоста што колонијата повторно се враќа во срцето на копаничарството, во Бигорскиот манастир. Во воведните обраќања беше нагласена мисијата за живо предавање на традицијата, од мајстор на ученик, во средина каде што духовноста и уметноста природно се прегрнуваат.
Работните пунктови се поставени во манастирскиот двор, а колонијата ќе трае од 18 до 23 октомври 2025, обединувајќи истакнати мајстори-резбари од повеќе градови и ново поколение млади творци.
Во рамките на програмата учествуваат и студенти од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, коишто на терен ќе ги прошируваат своите практични знаења. Поддршката од универзитетската средина и присуството на мајсторите, според организаторите, создаваат ретка училница „во живо“, каде што наследството се предава преку рацете, а не само преку книгите.
Се обработуваат теми од секојдневието и од црковното предание: лозови плетови, флорални преплети, животински и символични мотиви, како и литургиски елементи. Во вечерните часови следуваат стручни разговори за техниките, алатите и стилските особености на посебните резбарски школи.
Историјата на колонијата е нераскинливо сврзана за Бигорскиот Манастир. Првата колонија се одржала токму тука, од 3 до 10 јуни 1994 г., а во периодот 1994–2000 во Бигорски се одржаа седум последователни годишни сесии. Оттогаш колонијата продолжи да гостува и во други места (Согле, Смилево, Папрадиште, Велешко и др.), градејќи мост меѓу различни резбарски средишта во земјата. Со овогодишното издание, ЗКМАК свесно се навраќа на изворот, пред бесценетото дело на Гарката, чиишто извонредни резбарски вештини, поезијата на формата и тајните на умешноста и денес се учебник за секој што зема длето в рака.
Зад Здружението стои три децении упорна работа: колонии, семинари, каравани и јавни презентации, со цел реафирмација на резбарската уметност и нејзино системско вградување во образованието и во културниот живот. И оваа година акцентот се става на вклучување нови членови и на педагошката димензија: практична настава, менторство и жив контакт со делото, што треба да води кон постабилна „училишна вертикала“ за копаничарството во Република Северна Македонија.
Бигорскиот Манастир, со своето духовно и уметничко богатство, повторно станува отворен дом за резбарите. Нашето братство им обезбедува молитвен и гостопримлив амбиент каде што молитвата е соработник, а традицијата мерило и патоказ. Токму во таков простор, времето не е притисок, туку сојузник на трпението, а секој рез во дрвото – мал благодарствен принос кон живото наследство на нашите духовност и култура.