Молитвен спомен за дедо Тимотеј на годишнината од неговото упокојување

Со синовска љубов и со благодарствено сеќавање, денеска, на споменот на нашиот отец меѓу светиите, Јован Милостив, патријарх Александриски, нашето братство, собрано околу својот Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, молитвено си спомна за својот некогашен архипастир, блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, на првата годишнина од неговото преселување во вечноста.

Со љубов и со благодарност кон воскресителот Христос Бог, братството принесе молитвени прозби за душевен покој на својот починат архиереј, чијшто живот беше проникнат со посветеност кон Црквата Божја и со ревност за нејзината добросостојба. Со благомислие се сеќаваме на нашиот упокоен митрополит, кој толку години ја предводеше оваа епархија со татковска грижа и особена монахољубивост, давајќи им ја на монашките обители неопходната и благословена слобода во Христа.

Нека животодавецот Господ, по молитвите на свети Јован Милостив, ја упокои неговата душа „во место светло, место цветно, место на оддишка“, и нека го вброи нашиот сакан митрополит во Соборот на Своите верни слуги кои принесоа „добар одговор пред страшниот Христов суд.“

Вечнаја му памјат!