„Ја видовме ѕвездата (Витлеемска) исто како и мудреците. Исто како нив ја следевме до Витлеемскиот Младенец. Исто како нив, Му се поклонивме на новородениот Христос, Му ги принесовме нашите дарови и Го примивме во јаслите на нашата душа преку Светата Причест. Сега да тргнеме по друг пат, по Божјиот пат, оставајќи ги зад нас старите стравови, старите гневови, старите гревови, старите таги. Да влеземе во иднината со Христа, пољубезни, поисполнети со љубов, посвесни за потребите на другите и секогаш свесни за присуството на Христос нашиот Спасител, роден да биде Емануил, што значи со нас е Бог“ (Ентони М. Конијарис).
Светлината од Рождеството Христово и доаѓањето на Бога на земјата, не престанува и понатаму да сјае со сета своја радост и убавина! Така, денес, во првата недела после празникот на воплотувањето на нашиот премилостив Спасител, таа ни го осветлува споменот на светиот богоотец, пророк и цар Давид, на праведниот Јосиф, Обручникот на Пресвета Богородица, и на светиот Јаков, Брат Господов, заедно со споменот на светите 14 000 младенци пострадани заради Христа од нечестивиот Ирод, во Витлеем Јудејски. И колку само радост и духовно веселие ѝ донесе оваа недела на Бигорската света обител! Заедно со нашето братство и верниците денешното празнично благодарење кон Бога и Неговите светии го споделија и двајца наши браќа монаси од православниот манастир Хаматура, посветен на Успението на Мајката Божја, кој се наоѓа во близина на градот Кусба, во државата Либан. Со благослов на нивниот достојнопочитуван старец и игумен, високопреподобниот архимандрит Пантелејмон, а со посредство на духовното чедо на нашиот старец Партениј, Даниел Колевски од Охрид, отците Ефтимиј и Антониј допатуваа во нашиот манастир, носејќи со себе едно поголемо делче од моштите на светиот преподобномаченик Јаков Хаматурски! Имено, старец Пантелејмон благоволи во духот на христијанското братољубие да ѝ подари на нашата обител мошти од овој либански маченик, како благослов од славната и маченичка земја Либан, за што ние, недостојните, ја изразуваме нашата бескрајна благодарност.
Светиот преподобномаченик Јаков живеел кон крајот на XIII и во XIV век и се подвизувал во манастирот Хаматура. Неговиот свет и богоугоден живот ја привлекол благодатта Божја, која го направила „светлина што им свети на сите“ и „град на врв планина“, кај кого духовна утеха и прибежиште наоѓале многу обременети души. Св. Јаков особено се грижел за сиромашните, сирачињата и болните. Овој негов свет живот како и славата што ја имал поради добрите дела воопшто не им се допаднала на власта на мамелуците мухамеданци, кои тогаш владееле и со либанската земја. Поттикнати од завист и страв поради славата на преподобниот, тие побарале од св. Јаков да ја прекине својата мисионерска дејност и да премине во ислам, нешто што тој решително го одбил, „имајќи Го пред очи Началникот на нашата вера – Христос“. Тогаш, разјарени од гнев и злоба, мамелуците го одвлекле св. Јаков во градот Триполи, заедно со други монаси и верници, го измачувале цела година со страшни и неискажливи маки, и најпосле му ја отсекле неговата света глава на 13 ден од месец октомври. Така овој угодник Божји го завршил својот добар подвиг и Му ја предал својата бесмртна душа на бесмртниот Бог, Кој ја овенчал со венецот на нераспадливата и вечна слава. Кога иноверните сакале да го изгорат неговото свето тело, семоќниот Бог на чудесен начин испратил дожд од небото и не дозволил да бидат уништени моштите на Неговиот верен слуга. Тогаш христијаните го откупиле телото на новомаченикот и чесно го погребале во неговиот манастир на планината Хаматура. Со текот на времето, овие свети мошти биле извесно време заборавени, за најпосле, во 2008 година да бидат најдени под манастирската црква и извадени од страна на сегашниот игумен, старец Пантелејмон и неговото свето братство. Од чесните мошти на светиот преподобномаченик се случуваат многубројни чудеса. Споменот на св. Јаков Хаматурски се слави на 13/26 октомври.
Така, животот на овој христоподобен преподобномаченик, живот кој во себе ја воспримил целата суштина на Рождеството Христово, ни останува како вистински образец за нашите сопствени животи.
„Кога песната на ангелите е стивната,
кога ја нема ѕвездата на небото,
кога царевите и принцовите се дома,
кога пастирите им се вратени на своите стада,
почнува Божикната работа:
Да се најдат изгубените,
Да се исцелат разочараните,
Да се нахранат гладните,
Да се ослободат затворениците,
Да се обноват народите,
Да се донесе мир меѓу браќата,
Да се прави славословие во срцето.
Алилуја! Ни се роди Младенец!“ (Ентони М. Конијарис)