Сеноќно бдение во чест на Обрезанието Господово и св. Василиј Велики

Господарот на вселената трпи обрезание и како добар ги отстранува човечките прегрешенија; денес на светот му дава спасение, а во висините се радува и Создателовиот светлоносен јерарх и божествен Христов тајник Василиј

кондак на празникот

Празнуваме денес уште еден празник на Божјото смирение, кое му донесе спасение на родот човечки. Какво ли Божествено смирение покажува Создателот на целата вселена! Преблагиот Бог не се срамел да се облече Себеси во нашето паднато тело! Он не се засрамил ниту од плотското обрезание, но како „Творец на законот го исполни тоа што е според Законот“. Господ се смирил, примајќи страдално тело. Се смирил, земајќи образ на Младенче, бессилно пред луѓето. Се смирил, раѓајќи се во јасни на бессловесни животни и во земја туѓа. Се смирил, дозволувајќи да биде носен од раце старечки, Оној Кого на небесата Го опкружува ангелскиот собор. Се смирил, дозволувајќи да биде допрен и повиен во пелени од раце човечки, Оној Кој седи на Престол огнен и на Кого не смеат да гледаат херувимите и серафимите. Се смирил, примајќи плотско обрезание, подобно на грешниците, Оној Кој дојде да го уништи гревот човечки, потопувајќи се во Својата најскапоцена Крв. А бил обрезан во осмиот ден од Своето Раѓање, предобразувајќи го денот на вечноста, денот на вечниот покој во идниот век. Првите шест дена се денови на творенија, на работа. Денот седми е ден за покој, ден Господов. Осмиот ден, пак, е симбол за идниот век, ден на вечното празнување со Христа. Господ Христос се обреза и го исполни во целост Стариот Завет, давајќи ни го наследство новозаветното обрезание – крштението, кое е внатрешно, духовно обрезание, завет за заедница на човекот со Бога, и труд за зачувување на таа заедница. Зашто според учењето на светите отци обрезанието, т.е. крштението е отфрлање на телесните задоволства и непотребните желби на душата кои го одвојуваат човекот од Бога. Оваа аскетска симболика во толкувањето на обрезанието ни открива голема тајна. Како што старозаветните верни преку обрезанието давале завет дека ќе Му служат на Бога, така и ние, новозаветниот Израил – христијаните преку светото крштение даваме завет дека „се одрекуваме од сатаната и неговите дела“ и „се соединуваме со Христа“, односно стапуваме со Него во тесен, вечен сојуз. Во Стариот Завет се обрезувала плотта како печат на заветот, а во Новиот завет сме должни „да го соблечеме гревовното тело“, т.е. секој грев кој го поткопува нашето заедничарење со Бога.

Многумина го избрале тој пат на подвигот, на служењето на ближните заради Христа, и не само што го одржале заветот даден кон Бога, туку се вброиле и помеѓу Неговите пријатели. Споменот на еден од нив, кој се удостои да биде наречен „велик и вселенски учител“, го славиме токму денес – „мудриот и верен Василиј, кој беше епископ во Кападокиската област, во градот Кесарија, и кој ги превозгласи спасителните догмати ширум целата вселена. Навистина Василиј е основа на добродетелите, книга за похвали, живот со чудеса, служител на земните, зерцател на небото, прекрасен лист на свештена мудрост, испишан одозгора со Божествени букви“ (Св. Ефрем Сирин).

Со сеноќно бдение Бигорската свештена обител ги одбележа овие два големи празника, Господовиот и светителскиот. Молитвената атмосфера во Благовештенскиот параклис беше едно тивко благодарствено созерцание на милоста и добрината Божја. Утрово, пак, благодатно осамна со торжествена Литургија, која го носи името на светиот Василиј Велики. Отслужена од нашиот возљубен старец, архимандрит Партениј и браќата јеромонаси и јероѓакони, таа навистина беше еден молитвен восход на нашите душите во прегратките Божји. После нејзиното завршување, во нашите два манастира се прекрши традиционалната василопота, во спомен на чудото на св. Василиј Велики. А нашиот игумен, исполнет со ревност и грижа за спасението на нашите души, честитајќи ни го почетокот на Новата Година, со татковска љубов ги поучи своите чеда:

„Овој прв ден од Новата световна Година, нека ни биде, чеда мои, ден за голема благодарност кон нашиот милостив Бог, кој ни подари уште една година во нашите сопствени животи, година којашто како и секоја друга, е благопријатно време за покајание. Да Му благодариме на трисветиот Бог, но и да Го помолиме да ни прости, како благ и незлоблив, за сите недостатоци во нашиот духовен живот, за сите наши гревови и непослушанија со кои сме Го натажиле. Новата Година ни се дава како уште една можност за осветување, за духовен напредок. Затоа да се трудиме да не Го нажалуваме Бога ниту со нашите гревови, ниту со нашата немарност. Да Го помолиме Христа да нѐ просветли со Својата благодат, та да бидеме подобри христијани, исполнети со Неговата љубов, сведоци на Неговата светост. Амин!“